„Со свечено отворање започнува Кривопаланечкото културно лето 2026, манифестација која годинава носи повеќе од 60 настани – концерти, културни содржини и забавни програми за сите генерации. Нашата цел е Крива Паланка и понатаму да ја развиваме како град на културата, уметноста и заедништвото, кој живее и пулсира во текот на целото лето“, истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
На 24 јуни официјално започнува манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2026“, која и оваа година носи богата, разновидна и внимателно креирана програма исполнета со културни, уметнички и забавни содржини за сите генерации.
Во текот на летните месеци, граѓаните и посетителите ќе можат да уживаат во повеќе од 60 настани, меѓу кои концерти, изложби, книжевни промоции, театарски претстави, детски програми, креативни работилници, фестивали и традиционални манифестации. Со тоа, Крива Паланка повторно се позиционира како жив културен центар и место на средби, инспирација и креативност.
Свеченото отворање ќе се одржи на 24 јуни во 20:00 часот на Летната сцена на Градскиот плоштад, со концерт на македонската музичка група „Љубојна“.
Публиката ќе има можност да ужива во автентичен музички настан кој преку препознатлив спој на традиционални македонски мотиви и современ израз носи силна емоција, енергија и единствено сценско доживување.
Отворањето со концертот на „Љубојна“ симболично го означува почетокот на уште едно богато културно лето, исполнето со настани кои ја афирмираат културата, уметноста, традицијата и современото творештво.
„Кривопаланечкото културно лето“ со години претставува препознатлив културен бренд на градот, манифестација која ги обединува граѓаните, уметниците и посетителите од земјата и регионот, создавајќи простор за нови културни доживувања, дружења и трајни спомени.
Ги покануваме сите љубители на културата да бидат дел од свеченото отворање на 24 јуни и заедно да го започнеме летото исполнето со музика, уметност, креативност и настани кои ќе го одбележат културниот живот на Крива Паланка.




