Свечен прием во чест на шампионките од Кошаркарски клуб Крива Паланка

Градоначалник Сашко Митовски организираше свечен прием во чест на кошаркарките од Кошаркарски клуб Крива Паланка, стручниот штаб и претставниците на клубот, по повод историскиот спортски успех и освоената шампионска титула во женска кошарка.

На 10 мај (недела), кошаркарките испишаа спортска историја за градот, освојувајќи ја шампионската титула за првпат. Во финалната серија, со голема борбеност, дисциплина и тимска игра, тие ја совладаа екипата на Бадел со 3:1 во победи, при што клучната победа беше извојувана на гостински терен.

Приемот беше организиран како израз на благодарност и почит кон постигнатиот успех, кој претставува значаен спортски и општествен момент за Крива Паланка.

Градоначалникот упати искрени честитки до кошаркарките, стручниот штаб и клубот, истакнувајќи дека нивниот успех е гордост за целиот град и потврда дека посветената работа, дисциплината и тимскиот дух носат врвни резултати.

Во своето обраќање беше нагласено дека овој успех претставува силна инспирација за младите генерации и дополнителен поттик за развој и унапредување на спортот во општината.

Општина Крива Паланка останува посветена на континуирана поддршка на младите спортисти и спортските клубови, како значаен сегмент во развојот на заедницата.

Големина на фонт
Контраст