Почитувани православни христијани, сограѓани и верници,
Имаме особена чест и задоволство да ве поканиме на традиционалното одбележување на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Крива Паланка.
Како и секоја година, централен настан ќе биде чинот на осветување и положувањето на чесниот и светол крст во водите на Крива Река, на локација кај Шанин мост, во понеделник, 19 јануари, со почеток во 10:00 часот.
Ги повикуваме сите храбри верници кои сакаат да бидат дел од овој свет чин и да влезат во водите на Крива Река, да го пријават своето учество во Градската црква „Св. Великомаченик Димитриј“ кај Кривопаланечкото архиерејско намесништво, секој работен ден од 07:00 до 14:00 часот.
Секој пријавен учесник треба да е полнолетен и е должен да потврди дека е во добра здравствена состојба, односно да има обезбедено медицинска потврда од матичен лекар.
Утринската празнична литургија во црквата Св. Димитриј ќе започне во 08:00 часот, а литијата од пред храмот ќе тргне во 09:45 часот и ќе заврши на кејот на Крива Река (кај Шанин мост) а во 10:00 ч. ќе се изврши осветувањето и фрлањето на светиот крст.
По завршување на црковните свечености, на Градскиот плоштад од 10:30 часот ќе се одржи манифестацијата „Пивтијада“– 2026 година.
Организатори на настанот се Општина Крива Паланка, Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ и МПЦ-ОА, Кривопаланечко архиерејско намесништво.
Да ја продолжиме традицијата, да ја споделиме радоста и да го примиме божјиот благослов.
Бог се јави! Навистина се јави!




