Свечено доделени уверенија за втор мандат на градоначалникот Сашко Митовски и членовите на новoизбраниот Совет и оддржана конститутивната седница

Во Општина Крива Паланка денеска од страна на Општинската изборна комисија, свечено беа доделени уверенијата за вториот мандат на градоначалникот Сашко Митовски и на членовите на новоизбраниот Совет на Општина Крива Паланка, со што и официјално започнува новиот мандатен период на локалната власт во општината.

Во рамки на овој свечен чин беше оддржана и конститутивна седница на новоизбраниот Совет, на која беа верификувани мандатите на 15-те избрани советници од кои, осум советници се од кандидатската листа на коалицијата предводена од СДСМ, со носител на листа Миле Трајковски и седум советнички мандати од кандидатската листа на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ, со носител на листа Влатко Ристовски.

Честитајќи им го изборот на новите советници, градоначалникот Сашко Митовски се заблагодари за поддршката и довербата од граѓаните за неговиот втор мандат доверен токму од нив.
– Денес започнуваме ново поглавје – нова фаза, во која што нема да има место за поделби, туку за сплотеност, за конкретни резултати, а не за празни зборови. Затоа, дозволете ми јавно да порачам: Крива Паланка нема време за партиски битки, има време само за работа и за визија за подобра иднина. И затоа, ова нека биде мандат на зрела политика, на партнерство и на одговорност. Овој Совет треба да биде моторот, да покажеме дека знаеме да бидеме тим, дури и кога мислиме различно. Да покажеме дека политиката може да биде чист професионален ангажман, а не алатка за личен интерес. Ова се дел од пораките и обраќањето на градоначалникот Сашко Митовски пред прусутните гости на конститутивната седница.

За претседател на Советот беше избран Миле Трајковски од СДСМ.

Прилог: Обраќање на градоначалникот Митовски

СВЕЧЕН ГОВОР

Почитуван претседател на Советот, почитувани советници, раководители, директори, почитуван претседател на ОИК и членови на ОИК, ценети сограѓани,

Денес започнуваме ново поглавје. Оваа прва седница од новиот четиригодишен мандат на новоизбраниот градоначалник и на новиот состав на Совет на Општина Крива Паланка не е само формалност.

Таа е симбол на довербата што граѓаните ни ја дадоа, потврда дека патот по кој тргнавме е вистинскиот и потсетник дека продолжуваме еден процес што ја менува Крива Паланка во подобро место за живеење.

Ова е ден кога секој еден од нас треба да се потсети дека функцијата што ја имаме не е привилегија, туку обврска. Довербата не се заслужува еднаш, туку секој ден, со работа, посветеност и резултати.

Јас денес стојам овде и како досегашен, и како нов градоначалник. И тоа не е само титула, тоа е потврда дека граѓаните ја препознаа искреноста, трудот и визијата. Ова е доказ дека политиката не се прави со зборови, туку со дела. Со срце, со храброст и со визија за својот град.

Зато, сметам дека овој нов почеток на локалната власт ќе биде вистинско продолжение на патот што веќе го трасиравме заедно. Со истата љубов, но со уште поголема решителност за модерна, достоинствена и силна општина.

Во изминатите четири години, Крива Паланка се менуваше – чекор по чекор, улица по улица, проект по проект. Но најголемата промена не е само во инфраструктурата, таа е во духот на луѓето. Во самодовербата, во надежта, во чувството дека можеме подобро и дека заслужуваме повеќе.

Изградивме патишта, решававме комунални проблеми, вложувавме во образованието, културата и спортот. Но најголемата победа ја постигнавме во умот и срцето на граѓанинот – ја вративме довербата, која денес се претвора во заедничка вредност и сила за иднината.

А токму тоа е највисоката победа што може да ја постигне една власт.

Денес, со новиот Совет, започнуваме една нова фаза. Фаза во која нема место за поделби, туку за сплотеност. За конкретни резултати, а не за празни зборови.

Затоа, дозволете ми јавно да порачам: Крива Паланка нема време за партиски битки. Има време за работа. За визија. За иднина. И токму затоа ова нека биде мандат на зрела политика, на партнерство и на одговорност.

Овој Совет треба да биде моторот што ќе ја движи зацртаната визија со одлучност и со заедничка посветеност. Да покажеме дека знаеме да бидеме тим, дури и кога мислиме различно. Да покажеме дека политиката може да биде чист професионален ангажман, а не алатка за личен интерес.

Граѓаните не ни ја дадоа довербата за да не бидеме едни против други, туку да бидеме едни покрај други. Оваа сала треба да биде место на мудрост, дијалог и храброст, а не на политички инает.

Место каде што се судираат идеи, но не и суети. Каде што победува аргументот, а не егото. Само така ќе покажеме дека сме достојни за довербата што ни е дадена.

Како и досега, во овој мандат ја носам истата обврска – да бидам градоначалник на сите. Без поделби. Без калкулации. Со јасен фокус: граѓанинот на прво место.

Ќе продолжиме да вложуваме во патишта, инфраструктура, образование, култура, спорт, екологија.Но најмногу ќе инвестираме во човекот.Во младите кои сакаат да останат овде, во семејствата кои заслужуваат достоинствен живот, во секој човек кој верува дека оваа општина има иднина.

Затоа што Крива Паланка не е обична точка на мапата. Таа е завет. Таа е домот на вредни, чесни и горди луѓе кои не бараат многу – само фер шанса и стабилност.

И токму тоа ќе им го обезбедиме.

Од денес, повикувам на нова страница во општинската политика – страница на зрелост, почит и одговорност. Да бидеме луѓе не што ветуваат , туку што исполнуваат. Да оставиме зад себе сè што не дели и да тргнеме напред заедно.

Бидејќи оваа победа, оваа доверба, не е моја. Таа е ваша. Таа е наша заедничка. И таа е потсетник дека секогаш кога ќе се обединиме околу идејата за подобра иднина, секогаш победуваме и одиме напред. Затоа, оваа седница нека биде симбол на обединета Крива Паланка.

Почитувани советници,

Вашето место тука не е награда, тоа е обврска. Секое столче во овој Совет тежи колку секој глас на граѓаните кои што ни ја дадоа довербата. Затоа, оваа сала не треба да биде салон за политика, туку работна маса за иднината на Крива Паланка.

Разликите меѓу нас ќе постојат, и тоа е добро. Но важно е да се разликуваме во идеја, а не во чесност. Во пристап, но не и во целта. Затоа што целта мора да ни биде иста- граѓанинот да живее подобро, а Крива Паланка да биде уште поубава од тоа што е денес.

Во оваа прилика сакам да ви порачам нешто што одамна го научив: Силата на една општина не се мери по нејзиниот буџет, туку по луѓето што ја водат. А силата на еден градоначалник не е во тоа колку пати зборувал, туку колку пати делувал.

Затоа, од денес па натаму да зборуваме помалку, а да правиме повеќе.

Граѓаните од нас не очекуваат политика. Очекуваат резултати. Очекуваат улици, водоводи, училишта, паркови, инвестиции и јасна насока. И токму тоа ќе им го дадеме.

Од денес натаму, секој збор, секоја одлука и секој глас што ќе го дадете тука , нека има еден императив пред себе: „Дали ова е добро за граѓанинот?“

Ако е – тогаш сме го направиле вистинскиот избор.

Почитувани раководители од општинската адмнстрација, директори на јавни установи и претпријатија,денес сакам да ви порачам – времето на оправдувања заврши.

Почнува времето на одговорност.

Вашите институции се лицето на Општината.Секој граѓанин што ќе влезе во училиште, во детска градинка, во културен дом, во Јавно претпријатие во Општината– не гледа во вас,туку гледа во Општината. Затоа барам професионалност, дисциплина и резулѕат.

Нема да прифатам негрижа, нема да дозволам самозадоволство.

Од секој очекувам иницијатива, визија и работа со срце.Секој директор, секој раководител треба да биде пример за вредностите што сакаме да ги изградиме – чесност, отчетност и посветеност.

Секој потпис што ќе го ставите, нека биде со свест дека стоите зад интересот на граѓанинот. А секој ден што ќе го минете на работа – нека биде доказ дека ја заслужувате позицијата што ви ја доверила оваа заедница.

Сосема на крај, сакам да се обратам и до вас, драги мои сограѓани.

Вие сте смислата на сето ова.Секој проект, секој пат, секоја идеја – постои само поради вас.

Ви благодарам за поддршката, за трпението и за силата со која стоите зад мене и зад општината. Вашата доверба не е само победа – таа е завет.

И јас ви ветувам: ќе ја чувам со истата љубов со која се брани домот.

Ќе продолжиме да работиме за секоја улица, секое маало, секое село.

Да ја направиме Крива Паланка место од кое никој нема потреба да замине, туку место каде што сите сакаат да се вратат.
Да покажеме дека мал град со големо срце може да биде пример за цела Македонија.

Во следните четири години ќе продолжиме таму каде што некои мислеа дека ќе застанеме. Ќе ја изградиме секоја визија во реалност. Ќе покажеме дека љубовта кон градот не е само емоција – туку сила што менува животи.

Крива Паланка ќе продолжи да биде град на работа, ред и достоинство.
Град што не чека, туку создава.
Град што не обвинува, туку делува.
Град што не заборава кој е и од каде потекнува.

Јас нема да ветувам чуда. Но ветувам работа, чесност и истрајност. Ветувам дека ќе бидам градоначалник кој не се плаши да донесе тешка одлука, но и човек кој секогаш ќе стои пред народот со чист образ.

Крива Паланка ќе оди напред. Не затоа што така сака еден човек, туку затоа што така одлучи народот. И јас им ветувам – нема да ги изневерам.

Нека оваа седница биде нов почеток на едно ново, посилно, обединето поглавје. Поглавје во кое нема место за несигурност, за суета и за лични пресметки, туку место за работа, визија и срце што работи за заедницата.

Да не ја изгубиме таа сила. Да ја негуваме нашата заедничка енергија, нашето чувство на припадност и нашата љубов кон градот.
Само така ќе ја исполниме нашата мисија: да создадеме општина што расте, што создава, што верува во себе.

За Крива Паланка која го заслужува најдоброто.
Нека ни е благословена и вечна Крива Паланка!

 

Големина на фонт
Контраст