Првиот снег во 2023 навремено расчистен на подрачјето на Општина Крива Паланка

Благодарение на брзата и добро координирана работа, дежурните служби здолжени за зимско одржување во Општина Крива Паланка навреме ја расчистија снежната покривка, околу 20 центиметри што падна во изминатото деноноќие.

Расчистени се сите локални, магистрални и регионални патни правци на подрачјето на општината што овозможува непречено и непрекинато одвивање на сообраќајот, како и безбедно движење на граѓаните по тротоарите и јавните површини.

Градоначалникот , Сашко Митовски, упати благодарност до сите дежурни екипи за брзата и навремена реакција, но и добрата екипираност: 30-тина работници беа ангажирани за чистење на тротоарите и јавните површини , ЈП “Комуналец” имаше 6 дежурни возила, ЈП за одржување магистрални и регионални патни правци – 4 дежурни возила и ангажирани возила од трети лица.

-Институциите и општината се во постојана служба на граѓаните, истакна градоначалникот Митовски.

Екипите на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, секција Крива Паланка, до рано изутрина беа на терен со сите расположливи возила, расчистувајќи го паднатиот снег и посолувајќи ги коловозите, за непречено и непрекинато одвивање на сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци на подрачјето на Општина Крива Паланка, Ранковце и Кратово.

– Висината на снежната покривка на повисоките места изнесува околу дваесетина сантиметри, но заедно со вработените во нашата секција, со возилата со кои располагаме и ангажирани возила од трети лица , навреме го реализиравме расчистувањето на патиштата во наша надлежност: магистралниот пат А2, Куманово-Крива Паланка,од м.в.Ругинска кривина сѐ до граничен премин со Р.Бугарија, Деве Баир, Кратово и кратовско, Ранковце, регионални патишта кон селата Огут, Луке и Герман. До рано изутрина со екипите бевме на терен, потрошени се околу триесет тони абразивен материјал, сол и ризла, така што, сообраќајот за сите патнички и товарни моторни возила се одвива непречено, информира Боби Димитровски, раководител на секцијата на ЈП за одржување магистрални и регионални патни правци, Крива Паланка.

Посочи, претпријатието редовно, секојдневно врши зимско одржување на патиштата, што е примарна дејност во овој период од годината.

Во градскиот реон на Општина Крива Паланка, задолжено за зимско одржување е Јавното претпријатие “Комуналец”, од кадешто информираат дека снежната покривка е нешто помалку од десет сантиметри во градот.

– Во текот на изминатото деноноќие, од вчера попладне кога почна да паѓа снег, досега, екипите со четири возила за расчистување снег и два скипа, ги расчистуваа улиците. Коловозите се посолени со абразивни, материјали, како и пристапите до училиштата, градинката, итните служби, а во моментот се работи на расчистување на остатоци од снег на тротоари и јавни површини, онаму кадешто се задржал снегот, бидејќи дел се топи, а имаме екипи и на неколку критични места во градот каде се работи сѐуште, изјави директорот на ЈП Комуналец, Миле Марковски.

Големина на фонт
Контраст