Петта форумска сесија од буџетскиот форум

Во четврток (11 декември), во ресторан „Облаче“, со почеток во 13 часот, ќе се одржи петтата форумска сесија од буџетскиот форум што го спроведува општина Крива Паланка.На оваа сесија граѓаните, кои се стекнале со право на глас, ќе гласаат и ќе одлучуваат по програмите и проектите што беа предмет на дискусија во текот на изминатите сесии и кои се дел од општинскиот буџет за 2015 година. Имено, од нивна страна ќе биде направена приоритетна листа за буџетските програми и проектните активности, меѓу кои се и повеќе предлози дадени од учесниците,а кои се очекува да бидат реализирани идната година.

На оваа сесија ќе бидат презентирани и севкупните резултати од буџетскиот форумски процес, како и препораките од граѓаните до општината. Ќе биде формирана и Работна група, која ќе ги застапува граѓаните и ќе го следи спроведувањето на донесените форумски предлози, препораки и проекти.

Градоначалникот Арсенчо Алексовски ќе има свое обраќање кон присутните   во однос на форумските одлуки од граѓаните и обврската од страна на општината за нивно спроведување.

Во септември, идната година, за кога е предвидена шестата (последователна ) сесија, општината треба да даде отчет за реализација на граѓанските предлози и приоритети,произлезени од форумскиот процес.

Целта на буџетскиот форум е на транспарентен начин да се изготви буџет, во консултација со граѓаните и според нивните реални потреби и приоритети.

За сите учесници и заинтересирани, општината обезбедува организиран превоз до ресторан „Облаче“ и обратно, со поаѓање во 12,45 часот од пред општинската зграда.

Големина на фонт
Контраст