Kрива Паланка ќе го изготвува буџетот за 2015 година заедно со граѓаните

Општина Крива Паланка започнува со спроведување на буџетски форум во рамките на програмата „Форуми во заедницата“, која овозможува директно учество на граѓаните во процесот на донесување  одлуки на локално ниво, транспарентно и отчетно работење на општинската администрација и зголемување на довербата во локалната самуправа.

Целта на буџескиот форум е граѓаните да добијат целосен увид во приходите и расходите  на општината и со свои предлози да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2015 година, во рамките на стратешкиот развоен план и приоритетите за развој на општината за наредната година. Имено, на граѓаните им се нуди можност да учествуваат во предлањето на нови извори на приходи и да даваат насоки за приоритетните програми и проекти во согласност со нивните потреби и од значење за целата локална заедница, а кои локалната самоуправа треба да ги има в предвид при изработката на буџетските трошоци за идната година.Во рамките на програмата „Форуми во заедницата“, демократскиот капацитет на општината најмногу се гледа од нејзината волја за спроведување на буџетски форум, затоа што партиципативното буџетирање ја прави општината транспарентна и отчетна пред своите граѓани. Во исто време, на граѓаните им се дава слика како е да се управува со општината, но и дека не е можно да се задоволат сите потреби и желби во услови на ограничени средства.

Општина Крива Паланка со одлуката за спроведување на буџетски форум покажува високо ниво на транспарентност и отчетност пред своите граѓани , сметајќи дека ова е одлична можност да се изготви буџет во согласност со потребите и приоритетите на граѓаните.

Буџетскиот форум содржи 5 форумски сесии на кои Градоначалникот и општинската администрација, заедно со заинтересираните граѓани, ќе презентираат, дискутираат и ќе одлучуваат за распределбата на средствата од општинскиот буџет. На шестата (последователна) сесија ,пак, општината ќе поднесе отчет за реализраните програми и проекти, односно за извршувањето на буџетот, во согласност со донесените форумски одлуки.

Првата форумска сесија од буџетскиот форум ќе се одржи на 11 ноември (вторник) 2014 година, во ресторан „Облаче“ со почеток во 13 часот.

Превозот за сите учесници е обезбеден од страна на Општина Крива Паланка. Поаѓањето е во12.45 часот од пред општинската зграда.

Ве покануваме да земете масовно учество во форумскиот процес и со Вашите дискусии и потреби да придонесете за изготвување на општински буџет, кој ќе биде во согласност со приоритетните потреби на граѓаните.

 

Општина Крива Паланка
Градоначалник
Арсенчо Алексовски

Големина на фонт
Контраст