Известување за граѓаните за почитување и вклучување во акциите од масовен карактер „22 Септември“ – Ден без автомобили и „Европска недела на мобилност 2014″

Почитувани граѓани,

Општина Крива Паланка активно ќе се вклучи во одбележување на Традиционалните Европски акции од масовен карактер „22 Септември“ – Ден без автомобили и „Европска недела на мобилност 2014“. Целта на овие активности е промоција на алтернативните форми на сообраќај како пешачење, велосипедизам, користење на јавен превоз, подобрување на условите и можностите за користење на овие алтернативни форми на сообраќај, подобрување на безбедноста на пешаците и велосипедистите во сообраќајот и подигање на јавната свест за зголемена употреба на овие алтернативни форми на сообраќај, пред се употреба на велосипедите.

За таа цел Градоначалникот на Општината ги повикува граѓаните масовно и активно да се вклучат и ги испочитуваат  овие активности, посебно  кампањата за одбележувањето на Денот „22 Септември“ – Ден без автомобили кога традиционално кај нас, а и во светот во одреден период од денот се затвара за сообраќај една или повеќе фреквентни сообраќајници, а сообраќајните површини се резервираат за велосипедисти, пешаци или за јавен транспорт. На тој начин се упатува силна порака дека автомобилите треба да се користат одговорно само во исклучителни потреби и за подолги релации што би значело дека во урбаните простори треба да се користат предностите на современиот урбан начин на живеење, но притоа да се води сметка за животната средина и намалување на загадувањето на животната средина што го произведуваме ние луѓето посебно од издувните гасови од возилата.

Промената на начинот на транспорт значи почиста животна средина, намалена бучава, подобро здравје, подобар телесен развој, како и заштеда на семеен буџет.

Целта пак на кампањата по повод Европската недела на мобилност 2014 која оваа година е насловена на тема „Наши улици, наш избор“ е да се развива  дијалог помеѓу засегнати страни од различни аспекти на мобилност, да се предлагаат и тестираат иновативни сообраќајни решенија, нови технологии или мерки за планирање на урбаниот транспорт пред се планирање и изградба на пешачки, велосипедски патеки како и патеки за лица со телесна попреченост со што би се подобрило безбедното движење и пристапот на сите граѓани во Општината.

Врз основа на претходново Ве информираме дека наведените кампањи во Општина Крива Паланка ќе се организираат на ден 22 Септември (понеделник) 2014 година.

Првата кампања Ден без автомобили ќе се спроведе со парадно движење на велосипедистите од Крива Паланка на која ќе учествуваат учениците од училиштата од Општината, претставници на граѓански здруженија и сите заинтересирани граѓани и тоа во временскиот термин од 11,55 до 13,30 часот. Како што и може да се види акцијата започнува со симболичен временски термин „пет до дванаесет“ со цел да укажеме дека е дојдено крајно време за да превземеме мерки за заштита на животната средина, пред се за заштита на воздухот без кој како и самите знаете нема живот. Во овој временски термин ќе биде затворена за сообраќај главната улица „Св.Јоаким Осоговски“ на потекот од Кантина до Мотелот. Парадната велосипедската рута за движење ќе започне од Кантина по главната улица се до Спортско рекреативниот центар каде велосипедистите ќе се спуштат низ Спортско рекреативниот центар, а зад спортската сала преку импровизираниот бетонски мост ќе се префрлат на велосипедската патека во речното корито на Крива Река, по која велосипедистите ќе се движат се до стар Градечки мост од каде преку него повторно ќе излезат на градскиот плоштад и ќе се движат се до местото на поаѓање, односно до Кантина.

Пунктовите за вклучување во парадното велосипедско движење се:

  1. Пункт бр. 1 – пред Кантина (старт 11,55 часот);
  2. Пункт бр. 2 – пред зграда кај Житни (12,00 часот);и
  3. Пункт бр. 3 – кај Градски парк и двор на ООУ „Јоаким Крчовски“(12.15 часот);

Со цел успешна реализација на оваа кампања раководството на Општината Крива Паланка ги повикува граѓаните:

– На ден 22 Септември (понеделник) да се воздржат од користење на автомобилите посебно за кратки релации во урбаното подрачје, освен во случаи ако имаат неопходни и итни потреби од употреба на автомобили;

– Исто така на ден 22 Септември (понеделник) ги повикува граѓаните кои се во можност и имаат услови можат да се вклучат со свои велосипеди во велосипедското парадно движење;

– Во случај на потреба од употреба на автомобили да ги почитуваат наредбите од службените лица на СВР Крива Паланка, посебно во временскиот термин на движење на велосипедистите.

Во  однос на кампањата по повод Европската недела на мобилност од страна на Локалната самоуправа и Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ ќе се спроведуваат следните активности:

– Чистење и уредување на пешачките и велосипедските патеки;

– Вршење на увиди од страна на општинските службеници на состојбите на постоечките тротоари,  велосипедски патеки за лица со телесна попреченост, како и согледување за изградба на нови патеки од ваков вид;

– Вршење на увиди за состојбата со хоризонталната и вертикалната сигнализација; и

–  Средби со граѓани, претставници на граѓански здруженија и засегнати страни од наведената област со цел планирање на урбаното движење и живеење.

 

ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА

Градоначалник

Арсенчо Алексовски

Големина на фонт
Контраст