Препораки на Штабот за заштита и спасување при општина Крива Паланка

На ден 12.05.2019 година, со почеток во 11:00 часот во Кабинетот на градоначалникот на општина Крива Паланка, на иницијатива на градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски беше одржан состанок на Штабот за заштита и спасување при општина Крива Паланка.

На состанокот беа дискутирани превентивните мерки и активности, а во врска со очекуваните обилни врнежи од дожд и евентуално невреме во периодот од 12.05.2019 година до 17.05.2019 година. При тоа акцент се стави на мерките и активностите за евакуација на населението во услови на сериозна елементарна непогода и појава на загрозени зони и поплавени подрачја. При тоа од штабот беа донесени следните заклучоци:

1.Да се подготви Соопшение до јавноста и да се информира населението за очекуваните обилни врнежи од дожд. Да се дадат конкретни насоки за отстранување на сите паркирани возила покрај речните корита и патните правци кои треба да бидат користени за евентуален слободен и непречен проток на возилата и механизацијата ангажирани од Кризниот штаб. Се препорачува намалено движење и човечко присуство покрај речните сливови, со акцент на реоните во нас.Бегови Бавчи, нас.Домачки Дол, нас.Куков Дол, нас.Бојанов Дол, нас.Маневци и селата Дурачка Река, Узем и Жидилово и по целото течение на Крива Река и Дурачка Река. Соопштението со заклучоците од Кризниот штаб да биде објавено на веб страната на Општината и проследено до медиумите.

2.Итно и неодложно да се побара од сите институции под надлежност на Општината, во текот на денешниот ден најдоцна до 15:00 часот, да достават списоци на ангажирани лица преку соодветните институции, кои ќе бидат во приправност за делување при евентуални поплави и прогласување на загрозени зони.

3.Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Територијалната противпожарна единица Крива Паланка да извршат детална проверка на исправноста на сите материјално технички средства и ресурси со кои располагаат, а во функција на навремено делување и превенирање на терен.

4.Да се направи попис на целокупната градежна механизација со која во моментот располага Општината, а која може да биде ставена на располагање во услови на потреба од ангажирање  при појава на елемнтарни непогоди.

5.ЈП Комуналец да ги мобилизира сите свои расположливи човечки и материјално технички ресурси, и истите да бидат во постојана приправност во периодот кој е детектиран како потенцијално критичен.

6.Да се направи координација со сите фирми кои делуваат на територијата на Општина Крива Паланка, во доменот на определени градежни активности, и истите својата расположлива градежна механизација ја стават во функција на Општината и Општинскиот Кризан Штаб, доколку се појави потреба од таков ангажман.

7.Да се задолжи градежното претпријатие ДИНЕ – ТРЕЈД во текот на денешниот ден, итно и неодложно да достави песок на неколку критични локации во градот.

8.Да се стапи во контакт со сите фирми кои работат со трговија со опрема од типот на гумени чизми, кабаници, заштитни ракавици, џбреќи, рефлектори, батериски лампи и слично и да се направи попис на количините со кои располагаат. Опремата евентуално дополнително ќе биде подигната од страна на Општината доколку се јави потреба од справување со последици од евентуална елементарна непогода.

9.Да се стапи во контакт со ЕВН за нивна приправност и итна и правовремена реакција при евентуална потреба од исклучување на дистрибутивната мрежа со електрична енергија во определени загрозени зони.

10.Да се подготви список на критични патни правци, и истиот да биде доставен до МВР – СВР Куманово – ПС од ОН Крива Паланка, заради навремено и превентивно затворање на сообраќајот и секаков вид на движење доколку се појави таква потреба.

11.Да се размислува на изнаоѓање на варијанта за правовремено информирање на граѓаните за евентуална појава на загрозени зони и подрачја и нивно превентивно и правовремено евакуирање од истите преку Месните заедници, со испраќање на СМС пораки од страна на самите мобилни оператори и преку директни телефонски повици. 

12.Службите на Брзата медицинска помош, АРМ, МВР, Црвен Крст, Ученичкиот дом Боро Менков, здруженија на граѓани и сите сместувачки капацитети да бидат информирани и превентивно да бидат подготвени за делување во услови на елементарни непогоди.

НАПОМЕНА:   

Се замолуваат сите граѓани да ги почитуваат заклучоците и препораките од Кризниот Штаб, особено во делот на обезбедување на слободно движење на возилата кои ќе бидат ангажирани заради превенција или евекуација. При евентуална природна непогода, да се овозможи слободен и непречен проток на возилата и механизацијата ангажирани од Кризниот Штаб. Во случај на поплави, да се намали човечко присуство покрај речните сливови на Крива и Дурачка Река, непотребно излегување во природа и задржување на отворен простор. Доколку се затекнете во домашни услови, да се стационирате во горните катови во семејните куќи.

Доколку се појават определени загрозени зони и поплавени подрачја, граѓаните се молат за смиреност, присебност и помош од стручните екипи со насоки за правовремена евакуација и постапки за својата лична безбедност и сигурност. 

Сите информации за и околу моменталната состојба и поребата од помош може да се побара на бесплатните телефонски броеви 192 и  193 како и на фиксниот телефонски број 031/375-035 на Општинскиот кризен штаб.  

 

                                                                                                  ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА
                                                                                                             Градоначалник
                                                                                                          Борјанчо Мицевски