Прес на градоначалникот Мицевски – Општина Крива Паланка со долг од 55 милиони денари

Градоначалникот Борјанчо Мицевски денеска организираше прес конференција за новинарите со цел целокупната јавност да се запознае со состојбата во која Мицевски  ја затекна општината, како и за начинот на работењето на претходната локалан власт.

 Градоначалникот Мицевски најави  ангажирање на независна ревизорска куќа со цел испитување на работењето на општината во последната година, заради испитување на сериозните индиции кои постојат за незаконско и сомнително работење.

Со превземањето на функцијата градоначалник, ја затеков општината со долг од приближно 55 милиони денари, со тенденција на секојдневно доспевање на нови и нови долгови. Во оваа сума не се опфатени долговите на Јавното претпријатие „Комуналец“ и останатите институции во надлежност на општината. Од вкупната сума која општината ја долгува, 41,2 милиони денари се кредитно задолжување од Светска банка, со период на отплата до 2025 година. Останатите средства се доспеани долгови и неподмирени обврски со висина од околу 10,7 милиони денари, изјави Мицевски.

Посочи дека дополнително, покрај гореспоменатите суми, кон општината има побарувања од 1, 9 милиони денари.

Градоначалникот Мицевски изјави и дека, доколку ревизијата за работењето во општината, ги потврди индициите и сомнежите и покаже неправилности во работењето во изминатата година, истата ќе се прошири и за претходните години.