Ретроспективна изложба на академскиот сликар Димитар Стојчевски

На 5 јануари во Л.У Градски Музеј Крива Паланка се одржа ретроспективна изложба на кривопаланечкиот академскиот сликар Димитар Стојчевски – 45 години негово творештво.

На изложбата посетителите можеа да ги видат 35-те прекрасните уметнички дела на Стојчевски и да се восхитуваат на техниката на изработка на сликите односно масло на платно, акрил на платно, комбинирани и други техники. Неговото творештво како што истакна самиот Стојчевски е поделено на два периода со тоа што во првиот период темите се поврзани со музиката и е именуван како „Пасторален орфеј“, додека вториот период е именуван „Сакраликум“, односно во неговите слики доминира неисцрпната тема Манастирот Св. Јоаким Осоговски и воедно е период од кога започна да се одржува ликовната колонија “Св. Јоаким Осоговски“.

На изложбата покрај големиот број кривопаланчани присуствуваа и пратеничката Слаѓана Митовска и градоначалникот Арсенчо Алексовски кој воедно и ја отвори изложбата. Во обраќањето градоначалникот потенцираше дека Крива Паланка е град кој дава голем број на уметници од сите сфери, а од ликовната уметност е токму Димитар Стојчевски.

Изложбата е подржана од министерството за култура и ќе биде поставена во наредните три месеци. Со оваа изложба започна  реализацијата на  годишната програма на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.