Тимот на Кисела Вода државен првак во прва помош

Тимот од општинската организација на Црвен Крст, Кисела Вода е победник на дваесет и четвртиот Државен натпревар во прва помош кој во саботата, 19 септември, се одржа во градскиот парк во  Крива Паланка.

Годинашниот натпревар се одржа под мотото „Првата помош во услови на мигрантска криза“, а на натпреварот учествуваа 25 екипи и околу 250 младинци од општинските организации на Црвениот крст.

Екипите се натпреваруваа во укажување прва помош при различни видови повреди, а стручен тим судии ги оценуваше нивните брзина и вештина.

Генералниот секретар на Црвен Крст на РМ, Саит Саити, рече дека ОО на ЦК  Крива Паланка се покажа како одличен домаќин во оргазниацијата на натпреварот исполнувајќи ја неговата цел,  да се промовира првата помош кај младата популација, но и кај јавноста.

-Денес Крива Паланка беше обоена црвено-бело, преполна со младинците на Црвен Крст од целата држава, со што се промовираше целта на натпреварот, а младите се нашата сила и снагата која ќе помогне да се справиме со бегалската-мигрантска криза во земјава. Кривопаланечката општинска организација уште еднаш се покажа во најдобро светло, покажувајќи највисоки организациски способности денес, како и секогаш-изјави Саити.

Саити  упати благодарност до локалната самоуправа на општина Крива Паланка за помошта и ставањето на располагање сите потребни ресурси за успешна органзиација на натпреварот.

Победник на државниот натпревар во прва помош со најголем број поени е екипата од ОО на ЦК,Кисела Вода, Скопје, второпласирана е екипата на ОО на ЦК од Кочани, а третото место го освои тимот за прва помош од Гази Баба, Скопје.

Награда беше доделена и за дисеминација, а истата им припадна на младинците од Битола.

Дваесет и петтиот Државен натпревар по прва помош следната година ќе го организира ОО на Црвен Крст од општина Гази Баба, Скопје.