Школа по фолклор во Крива Паланка

Културно-уметничкото друштво „8 Септември“ кое работи во составот на националната установа Центар за култура од Крива Паланка, ја отвори Втората традиционална фолклорна младинска Летна школа „Крива Паланка 2010“, која ќе трае до крајот на јули годинава.

Учесниците на фолклорниот кампус ќе бидат поделени во неколку групи со кои ќе раководи познатиот македонски кореограф Добривое Манасиевиќ.

Најдобрата фолклорна група ќе стекне право да учествува во претстојните фолклорни манифестации Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски 2010“ во Крива Паланка, на фолклорниот фестивал „Голачки средби 2010“ во Делчево и на Годишниот концерт на КУД „8 Септември“ од Крива Паланка.

Фолклорната летна школа „Крива Паланка 2010“ ќе се одвива во четири циклуси во кои ќе бидат опфатени 15 ора од источна Македонија, од Скопскиот, Егејскиот и Овчеполскиот регион.

На крајот на фолклорната школа учесниците ќе добијат сертификат за учество и завршена школа по фолклор.

Извор: Дневник