Калин Камен се урбанизира

Најатрактивната зона на Калин Камен, на Осоговските Планини, наскоро ќе биде обезбедена со комплетна урбанистичка документација, со што ќе се создадат услови граѓаните да ја реализираат планираната градба на легални објекти и локалитетот плански да се уреди. Наскоро треба да биде изработен детален урбанистички план (ДУП) со кој конкретно ќе биде испланиран туристичко-рекреативен центар на површина од 15 хектари.

– За овој локалитет постоеше само генерален урбанистички план, а сега општината Крива Паланка инвестира и во подготвување ДУП, со кој ќе се овозможи предвиденото инфраструктурно уредување и планска изградба. Веќе е спроведена постапка за јавни набавки и склучен е договор со „Простор“ од Куманово за изработка на планот, кој треба да биде донесен во рок од шест месеци. Истовремено, од страна на „Алфа геодет“ од Скопје подготвени се и ажурирани геодетски подлоги со најнови податоци за реалната состојба на теренот – вели Добривој Николовски, раководител на Одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина.

На туристичко-рекреативниот центар Калин Камен предвидена е зона за викенд-куќи, изградба на јавни и комерцијални објекти за трговија и угостителство, спортски терени, заштитно зеленило и црква. По изготвувањето на ДУП, Општината ќе може да издава одобренија за градба, за која постои голем интерес кај граѓаните, како и да пристапи кон изградба на потребната инфраструктура.

– Со комплетирање на планската документација ќе се создадат услови за планска градба на локалитетот, со што тој ќе се заштити од дивоградби и од узурпирање на земјиштето, кое може да предизвика проблеми околу реализацијата на планот. Урбанизацијата е од исклучително значење затоа што локалитетот веќе се напаѓа со нелегална и непланирана градба – вели Николовски.

Средствата за изработка на ДУП се обезбедени од буџетот на Општина Крива Паланка, во рамките на програмата за изработка на урбанистички планови. Пред неколку години, заради спречување на нелегалната градба, локалната самоуправа им понуди на сопствениците на имоти на овој локалитет планот да биде изработен со помош на нивно кофинансирање. Беше понудено на рати да ги уплатат парите, кои пак подоцна требаше да им бидат пресметани во таксата за уредување на градежно земјиште, што се сметаше за олеснување при плаќањето на целокупниот износ на комуналиите. Но, дел од околу 60 сопственици не го прифати предлогот и планот не можеше да се реализира поради недостиг на пари во општинската каса.

На Калин Камен веќе постојат објекти што ги користат Ловечкото друштво „Осогово“ и Планинарското друштво „Руен“, а во рамките на пограничниот проект „Планините си подаваат раце“ тој е уреден и со пешачки патеки, видиковци, детско игралиште, санитарии со тушеви за туристите и пикник-места. Наскоро ќе почне и со довршувањето на патната инфраструктура кон овој локалитет.

Извор: Дневник