Осогово ги зближи Крива Паланка и Ќустендил

Туристичките потенцијали на Осоговието е уште еден проект за кој двете општини бараат парична поддршка од европските фондови, чија реализација, според процените, ќе ги зголеми петпати приходите на двете општини

Изработка на туристички терминал за Осоговието, преку кој сите знаменитости и локалитети ќе им бидат достапни на туристите, е заеднички проект на Крива Паланка и Ќустендил од соседна Бугарија, за кој се бараат пари од ИПА-програмата за прекугранична соработка. Ова е и прв заеднички проект на двете погранични општини, кои покренаа иницијатива за засилена економска соработка.

– Преку туристичкиот терминал туристите ќе може да се запознаат со убавините и капацитетите на Осоговието, да се ориентираат за локацијата, цената, да резервираат престој и да се информираат за сите услуги од туристичката понуда. Презентацијата на Осоговието преку модерната компјутерска технологија, која ја користат Алпите и цела Европа, ќе овозможи туристите да се запознаат со овој локалитет и да се зголеми интересот за негова посета – вели Боби Крумов, заменик-градоначалник на Ќустендил.

Проучувањето на туристичките потенцијали на Осоговието и оценка на влијанието врз животната средина е уште еден проект за кој се бара парична поддршка од европските фондови, а кој, според процените, ќе ги зголеми петпати приходите на Крива Паланка и Ќустендил. И двете општини потенцираат дека овој регион е најнеразвиен во двете земји и дека досега никој не барал начин за развој на Осоговието, поради што се активираат сите ресурси за привлекување инвеститори.

– Овие најблиски општини на двете страни од македонско-бугарската граница, соработуваа со други општини, но најмалку меѓу себе. Крива Паланка, како погранична општина, има најмал број стопанственици што се занимаваат со увоз-извоз, помалку дури и од Кратово и од Пробиштип. Наша цел е да ја засилиме соработката и тоа, пред се’, во бизнис-секторот, затоа што имаме исти ресурси и огромен простор за развој на регионот. На располагање ги ставаме сите капацитети на општината и се надеваме дека ќе ја поттикнеме бизнис-соработката за која имаме огромни можности – вели градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Општините меѓусебно ги нудат и индустриските зони за почнување бизниси на стопанствениците од пограничниот регион.

– Имаме ресурси за модернизација на производството. Ја развиваме индустриската зона, во која има место и за кривопаланечките бизнисмени, на кои оттука им се отвора и европскиот пазар. Имаме и еден од најреномираните земјоделски институти, кој може да даде поддршка за развој на земјоделството, а во Ќустендил ќе се гради и Европски здравствен центар за долекување лица од развиените европски земји, што е уште една можност за заедничка размена на туристи – вели Крумов.

Идејата на двете општини е регионот да работи заедно и усогласено да се развива. Стопанствениците првата средба ја одржаа во Крива Паланка, а за 5 март е закажана нова средба.

Извор: Дневник