Невестите го обновија ритуалот

Обичајот на поклонување на невестите пред светецот св. Теодор е обновен по 33 години во Крива Паланка, а организаторите најавуваат прераснување во регионална манифестација на народни носии.

По 33 години во црквата „Св. Теодор Тирон“ во кривопаланечкото село Конопница, пак се поклонуваа невести за патрониот празник Тодорица, чие име го носи селската црква. Овој ритуал, кој се практикувал од изградбата на црквата во 19 век, бил прекинат во 1977 година, а месното население и општината од оваа година повторно го обновија заборавениот обичај. Организатор на манифестацијата беше Центарот за култура од Крива Паланка, а покровител општината.

– Обичај било невестите што се омажиле помеѓу двете Тодорици, да ја облечат својата венчална носија и со своите свекрви да се поклонат пред храмот на светецот и да бидат благословени од свештенослужителите. Тој претставува дел од автентичното прославување на Тодорица, која е празник на селото, а уште поинтересно е што името на светецот Теодор Тирон, заштитник на младите и породот, го носат многу мал број цркви. Во 50-тите години од минатиот век имало и по стотина невести од целиот крај, кои доаѓале на поклонение. Наша желба е да го обновиме ритуалот, враќајќи ги заборавените обичаи и традицијата кај младите. Тоа ќе придонесе за повторно зближување на луѓето од регионот, како и за презентација на богатото народно творештво. Секој почеток е тежок, особено овде кога имаме прекин на традицијата подолг од три децении. Тоа значи дека поголем дел од мајките на тие што се невести во моментот пропуштиле да бидат дел од традицијата, па затоа внуките ќе мора да побараат помош од своите баби – вели иницијаторот Стојанче Величковски од Конопница.

Годинава најхрабри невести, кои ја имаа честа први да ја обноват традицијата беа Тања Атанасовска и Ирена Тодоровска-Ристовска, кои се омажиле годинава.Тие, придружувани од своите свекрви, мајки и најблиски, облечени во кривопаланечка народна носија, дојдоа до црквата поклонувајќи се, а нивното пристигнување го најавија црквените камбани. Ритуалот го проследија голем број граѓани од Конопница и од општината, кои беа воодушевени од неговото обновување.

– Ја поддржувам иницијативата и сум една од иницијаторите за обновување на овој обичај. Ние, младите, се имаме оддалечено од традицијата и не ги познаваме обичаите, кои се дел од самите нас и треба да им ги оставиме на поколенијата. Горда сум што учествувам во повторното заживување на традицијата, а особено што „Св. Теодор Тирон“ е заштитник на младоженците, во што ме поддржува и сопругот Стојанче – вели Тања Атанасовска од Крива Паланка, која се омажила во Конопница.

Нејзе ја придружуваше нејзината свекрва Ружа Атанасовска, која и самата учествувала во ритуалот како невеста во далечната 1968 година.

– Поклонението пред „Св. Теодор“ беше непишано правило во овој крај, а посебно за селото. Тука немаше дилема, или сакаш-не сакаш. Се знаеше, секоја невеста, омажена во таа година, се поклонува во црквата за Тодорица. Ама тогаш имаше по 20, 30 до 50 невести, сите дотерани во најубавата невестинска носија – вели свекрвата Ружа.

Ирена и Дејан Ристовски од Крива Паланка ја направиле својата свадба минатата сабота, а веќе оваа недела учествуваа во поклонението.

– За нас ова е посебно доживување. Особено што сме тазе младоженци и ни значи благословот за среќа и пород. Мојата баба потекнува од Конопница и самата, пред многу години, била учесничка во невестинското поклонение, па гордост ми е јас, како нејзина внука, да ја продолжам традицијата – вели Ирена, која беше придружувана од својата свекрва Славица, но и од мајка си Радица.

Протојереј ставрофор Добрисав Бошковски објаснува дека обичајот полека изумрел, а Центарот за култура сака овој автентичен обичај да прерасне во регионална манифестација на млади невести и народни носии.

– Целта ни беше годинава официјално да биде обновен ритуалот, а за идната година планираме многу поголема манифестација. Ќе поканиме младоженци од повеќе краеви во земјава, како и од Бугарија и од Србија. Сакаме манифестацијата да претставува ревија на народното богатство од регионот – вели директорот на Центарот за култура, Александар Рангелов.

Извор: Дневник