Градски Музеј годинава со три проекти

Министерството за култура на РМ во Програмата од национален интерес за 2010 година на Градскиот Музеј – Крива Паланка му додели средства за реализиција на три проекти. Станува збор за проектите Прва историска поставка, Прва староградска етно поставка и Староградската архитектура – некогаш и денес.

 

Проектите се однесуваат на реализација на првата постојана фотодокументарна поставка за историјата и развојот на градот Крива Паланка, како и на развојот на градската архитектура и старото градско јадро, а дел од средствата е наменет за откуп на предмети и материјали од стариот градски живот:

– Ние како музеј сме задоволни од Годинешната програма на министерството. Веруваме дека тие ја препознаа нашата прецизност при реализацијата на минатогодишните проекти: Прва Етнолошка поставка и Кривопаланечки сувенир. За да можеме успешно да ги реализираме проектите потребни се интервенции во реконструкцијата и адаптацијата на просториите за поставките при што очекуваме подршка од општината Крива Паланка – изјави Драган Величковски – раководител на музејот.

Неодамна општина Крива Паланка (во својство на основач на Л.У Градски Музеј – Кр. Паланка) и Н.У Центар за култура – Кр. Паланка потпишаа Договор за развој на музејската дејност, кој што покрај другото предвидува и заеднички настап во аплицирањето за средства за реконструкција и адаптација на двата музејски простора и тоа објектот Манастирски Ан сопственост на Центарот за култура и објектот Дом на АРМ сопственост на општината Крива Паланка.