Калифорниска фондација за помош на Градски Музеј

Потомците на Мери Елен Хеилбрун, во чест на својата скоро почината мајка Мери Елен која што е со потекло од Крива Паланка ја основаа фондацијата Мери Елен Хеилбрун која што финансиски ќе го помага основањето на Градскиот музеј во Крива Паланка. Емоционалната поврзаност на Мери Елен со Македонија беше пресудна нејзините три деца Керол, Тод, Сузан да се зафатат со основање на фондацијата која што своите средства ќе ги донира во родниот град на радителите на Мери Елен.

Инаку Мери Елен потекнува од печалбарско кривопаланечко семејство. Нејзиниот татко Милан емигрирал во САД во 1915 година додека нејзината мајка Магдалена кој што била од познатото кривопаланечко семејство Тодосови заминала во САД после големата поплава во Крива Паланка во 1922 година кога нејзиниот татко останал без своето богатство.

Потомците на Мери Елен со својата благородна идеја го запознаа и градоначалникот на општина Крива Паланка г-дин Арсенчо Алексовски за време на неговиот престој во САД во месец септември 2009 година, при што тогаш беа договорени и следните чекори во соработката помеѓу фондацијата Мери Елен Хеилбрун и општина Крива Паланка.

Општина Крива Паланка веќе неколку години прави огромни напори околу целосното основање на Л.У „Градски Музеј“ – Крива Паланка. Досега веќе е изработена потребната документација како и неопходните нормативно правни акти согласно националаното законодавство, а соберени се и добар дел од збирките на музејот со околу 1.500 артефакти. Она што недостасува и што општина Крива Паланка не  може да го обезбеди е Реконструкција на просториите и објектите во кои што ќе бидат изложени збирките на музејот. Станува збор за довршување на реконструкцијата на објектот „Манастирски Ан“ во кој што е предвидено да биде сместена етнолошката збирка; Довршување на реконструкцијата на објектот „Дом на АРМ“ каде што ќе биде сместена Историската збирка и Надградба на приземје (кујна на ресторант) во објектот „Дом на АРМ“ и адаптација на просторот во постојана археолошка збирка.

За довршување на реконструкцијата на овие објекти потребни се поголема сума на средства кои што општината реално не може да го обезбеди. Ние како општина и јас како градоначалник сме горди на искрената помош на нашите иселеници кои што како и во случајот со опремата за Здравстваниот дом така и во овој случај несебично се обидуваат да помогнат во развојот на својот роден град, и искрено се надевам дека фондацијата Мери Елен Хеилбрун ќе ни помогне во обезбедување на потребните финансиски средства со кои што ќе можеме целосно да ги завршиме објектите за музејот и истите да ги ставиме во функција на музеолозите и посетителите на градот – изјава на градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Исто така во општина Крива Паланка во соработка со Н.У Центар за култура – Кр. Паланка и Л.У Градски Музеј – Кр. Паланка е изработена четиригодишна Програма за развој на музејската дејност, која што на следната седница треба да биде верификувана од страна на Советот на општина Кр. Паланка. Програмата се однесува за периодот 2010 – 2014 и главен акцент е ставен на меѓуинституционалната соработка во развојот и унапредувањето на музејската дејност во Крива Паланка.