Крива Паланка избра сувенир на градот

Комисијата за избор на сувенир на градот Крива Паланка на вчерашната седница го избра сувенирот на градот Крива Паланка. Стилизираната престава на надалеку прочуениот паланечки симит изработен во дрво од познатиот кривопаланечки резбар Раде Костовски е избрана како најдобро решение на Конкурсот за избор на сувенир на градот Крива Паланка.

Целосниот проект Кривопаланечки сувенир е реализиран во меѓусебна соработка на  З.Г Кластер за туризам – Крива Паланка и Општината Крива Паланка. Проектот беше финансиран од страна на Министерството за култура на РМ, а во неговата целосна реализација со своја финансиска подршка се вклучи и амбасадата на Кралството Норвешка во Р. Македонија.

По прогласувањето на најдоброто решение, З.Г Кластер за туризам ќе реализира и целосна промотивна кампања на новиот сувенир. – Со финансиска подршка на амбасадата на Норвешка ние како здружение ќе реализираме промотивна кампања при што ќе бидат испечатени различни пропагандни материјали на кои што ќе биде аплициран сувенирот на градот – изјави Драган Величковски претседател на Кластерот за туризам.

Инаку и Општина Крива Паланка планира да се вклучи во кампањата за промоција на новиот сувенир и промоција на паланечкиот симит – Ние како Општина Крива Паланка сакаме да му дадеме едно поголемо значење на паланечкиот симит, кој што по манастирот Св Јоаким Осоговоски е вториот кривопаланечки бренд. Веќе изработуваме еден концепт за подршка на традиционачното производство на симитот и подршка на произведувачите, а во иднина може да направиме и брендирање на симитот како традиционален кривопаланечки специјалитет – изјави Арсенчо Алексовски – градоначалник на општина Крива Паланка.

Предвидените активности Општина Крива Паланка во соработка со Кластерот за туризм и останатите организации од областа на туризмот, планира да ги резлизира во текот на 2010 година.