Млади таленти од Крива Паланка со вредни награди на Меѓународен натпревар за камерна музика

Ученици од нижото музичко училиште при ООУ„Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, кои ги изучуваат тајните на музиката под раководство на професорката Лариса Жулина-Митовски, освоија вредни награди на Меѓународниот натпревар по камерна музика, кој се одржа по 5-ти пат во Кавадарци.


Младите таленти Ања и Мелани Алексовски, Лора Петкова и Нина Димитровска ги освоија првото и второто место во четирирачно свирење на пијано, во преткатегорија одредена според нивната возраст. Ученичките од 4 и 5 одделение ги воодушевија присутните и жирито со своето музицирање, доделувајќи им ги вредните награди.

-Пресреќна сум што настапив успешно на натпреварот и што со своето свирење го заслужив добиеното признание. Ова беше прв мој настап пред толку бројна публика и ми дава поттик да се усовршувам и да и се посветам уште повеќе на музиката, вели малата Лора Петкова.

Меѓународниот натпревар за камерна музика во Кавадарци се одржува во организација на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ и Основното музичко-балетско училиште „Лазо Мицев Рале“, под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Кавадарци и со поддршка од Министерството за култура на РМ. Според организаторите, целта на овој натпревар е откривање и афирмација на млади таленти и на педагози со исклучителни резултати, како и на размена на педагошки искуства. Преку натпреварувачката и концертна активност, учениците се стекнуваат со самодоверба и се мотивираат и понатаму да го развиваат својот талент.

Учесниците ги оценува од меѓународно жири, составено од еминентни педагози и активни  музички уметници. Кривопаланечките музички таленти, кои биле меѓу најмладите учесници на натпреварот, успеале да се истанат со својот труд и да ги добијат наградите во исклучително силна конкуренција на голем број учесници од Македонија, Србија, Бугарија, БиХ и од Хрватска.

Учениците од нижото музичко училиште при ООУ„Јоаким Крчовски“ и нивните родители изразуваат особена благодарност до градоначалникот Арсенчо Алексовски, општина Крива Паланка и до директорот на ООУ„Јоаким Крчовски“,  Драги Ристовски за нивната несебична поддршка при обезбедувањето услови за развојот на музичката дејност.


Големина на фонт
Контраст