Делегација од општина Крива Паланка оствари посета на градот Лугож во Романија

Делегација на општина Крива Паланка предводена од градоначалникот Алексовски, на покана на градоначалникот на Лугож инг.Францис Болдеа, во периодот од 14 до 16 aвгуст 2014 година оствари работна посета на Лугож –Романија, по повод празникот на градот Руга Лугојана.

[embpicasa id=”6049258467469673201″]

Во 2011 година се потпиша договорот за соработка помеѓу Крива Паланка и Лугож- Романија. Од неговото потпишување соработката помеѓу овие два града се повеќе се продлабочува и зајакнува.
И оваа година градот Лугож подготви прекрасна програма за прослава на празникот која опфати состанок со градоначалниците на збратимените градови во општинската сала. На состанокот градоначалникот Болдеа на македонската и останатите делегации им посака добредојде и со искрено задоволството го поздрави нивното присуство. На овој состанок градоначалникот Алексовски во своето обраќање го честита празникот на сите граѓани на Лугож и ја потенцира подготвеноста на Крива Паланка за продлабочување на соработката, а воедно беа разменети и пригодни поклони.

Потоа следуваше присуство на традиционалната Молитва која се одржа во православната црква за да потоа се проследи уличниот перформанс на фолклорната група на градот Лугож Ана Лугожана.

Празнувањето на Руга Лугојана е слично со празнувањето на нашиот празник во име на светецот Јоаким Осоговски и претставува национален празник на кој во градот Лугож  му се придава особено значење. Во чест на празникот се организира голема прослава, како и настапи на познати музички имиња, а за оваа година тоа беше настапот на Бело Дугме.

Потоа следуваше посета на проектите кои општина Лугож ги реализира и тоа новоизградениот пешачки мост, новоизграденото кино, како и проектот за изградба на отворен и затворен базен.

Во контактите со останатите делегации кои беа присутни на прославата особено се истакна иницијативата на Градоначалникот на германскиот град Јена – Др. Албрехт Шротер кој ја изрази подготвеноста за пронаоѓање на начини и можности за соработка. Градоначалникот Шротер истакна дека првиот чекор е реализиран бидејќи веќе неколку години по ред делегациите на двата града се среќаваат и подобро се запознаваат. Следен чекор кој треба да биде реализиран е меѓусебна размена на делегации кои би ги утврдиле точките на заеднички интерес и соработка. Градоначалникот Алексовски ја прифати иницијативата, ја потврди интенцијата на Крива Паланка за зголемување на кругот на пријателство и го покани својот германски колега да ја посети Крива Паланка.

Градоначалниците на Крива Паланка и Лугож потврдија дека ваквите настани се одлична можност за продлабочување на воспоставената соработка, а градоначалникот Болдеа ја најави посетата на Крива Паланка за престојната прослава на празникот на градот посветен на светецот Св. Јоаким Осоговски во периодот од 25-ти до 27 –ми август 2014 година.

Големина на фонт
Контраст