Состанок за унапредување и развивање на училишниот спорт во Крива Паланка

На 24 jануари 2014 (петок) во салата на советот на Општина Крива Паланка Градоначалникот Алексовски  и  претставниците на локалната самоуправа одржаа состанок со директорите на основните и средното училиште од Крива Паланка и наставниците по физичко и здравствено образование.

 

Целта на состанокот беше запознавање на присутните со заклучоците од состанокот помеѓу градоначалниците и министерот за образование, Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

 

 

Акцентот беше ставен на училишниот спорт и беше нагласено неговото значење и процентот на вклученоста на учениците во училишните клубови, се со цел зајакнување на спортот не само од аспект на продуцирање на професионални спортисти  туку и од аспект на градење на здрави и силни генерации. Одговорноста за организирање на училишните спортови е  на  директорите кои преку предметните наставници треба да ги имплементираат насоките  и периодично да доставуваат извештаи до градоначалникот за преземените мерки и активности како и за проблемите со кои се соочуваат.

 

 

На состанокот беа донесени и заклучоци во правец на организирање на спортски настани како спроведување на акција СИТЕ НА ВЕЛОСИПЕД, одржување на часови по пливање под мотото НАУЧИ ДА ПЛИВАШ, одржување на СПОРТСКА НЕДЕЛА, а исто така беа дадени насоки за формирање на Фондација за поддршка на училишниот  спорт, која би била од големо значење во однос на финансирањето на училишните клубови.

 

 

На крајот беше отворена дискусија од страна на присутните кои изнесоа препораки за зајакнување на училишниот спорт.


Големина на фонт
Контраст