Отворени дисперзираните студии по информатика

„За неколку години Крива Паланка ќе стане еден од центрите  за информатика во државата, кој ќе привлекува и студенти од соседните градови од Бугарија и Србија. Кадарот пак, ќе биде многу значаен за општината и државата, ако се знае дека информатиката е меѓу најбараните струки во Македонија“, рече премиерот Никола Груевски на  свечено отварање на студиите по информатика во Крива Паланка, на кое присуствуваа и министерот за образование Никола Тодоров и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски.

На Македонија, повеќе од било кога досега,  и е потребна критична маса на високообразовни кадри, неопходни за регионалниот развој и привлекување на инвеститорите. Во тие рамки Владата започна серија на капитални проекти  за отварање на дисперзирани студии, нови факултети и универзитети во сите региони и градови од државата. Ваквите студии се од огромно значење, затоа што го прават достапно високото образование за секој кој има капацитет и желба за учење, ги поефтинуваат студиите и ги зголемуваат можностите за вработување“,  истакна Груевски.
Според премиерот, отварањето на првата високообразовна институција во општината е историски миг, со кој Крива Паланка се вбројува во универзитетските градови во државата , кои ќе продуцираат се поголем број на академски граѓани.
Ректорот Велимир Стојковски нагласи дека Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ги подржува заложбите на Владата за дисперзираност на студиите, кои овозможуваат пристапност до комплексните знаења и вештини и полесно вклучување на пазарот на трудот. Министерот за образование, Никола Тодоров, пак, зборуваше за  значењето на кокурентноста на човечките ресурси, а посебно за информатиката, каде што еден ум може да покрене цела економија.

На Факултетот по информатика во Крива Паланка, кој ќе функционира во рамките на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“, за почеток се запишани 41 студент од општината и регионот, но се очекува бројката да се зголемува во наредните години. Годинава, студиите ќе се одвиваат во просториите на Ученичкиот дом „Боро Менков“, а од идната година за нив  ќе биде пренаменет и адаптиран дел од просторот на некогашната касарна на АРМ.