Воскреснаа староградските звуци во Крива Паланка

Во прекрасниот амбиент на манастирот Св. Јоаким Осоговски се одржа долгоочекуваниот концерт на обновенот староградски состав „Распеани Паланчани“.

 

Настанот го отвори покровителот г-дин Арсенчо Алексовски, градоначалник на Општина Крива Паланка. Тој меѓу другото истакна „ Растев во времето кога растеше и се славеше староградската кривопаланечка песна. Кога низ улиците и градските маала се разлеваше музиката на мојот град со која се опејуваше љубовта на познатите кривопаланчани, кои оставаа белег на духот на едно време. Растев кога моите распеани сограѓани  ја создаваа препознатливоста на кривопаланечката чаршија, ги овековечуваа настаните, ги пренесуваа обичаите. Ја презентираа културата на градскиот живот, а срцата на кривопаланчани се исполнуваа со убавина и гордост.

Од денеска кривопаланечката староградска песна повторно е меѓу нас.

 Препознатливоста на еден народ, нација па ако сакате и град е токму по културата, а ова е дел од културата на Крива Паланка која беше заспана 30 години,  ја разбудивме  и нема да дозволиме повторно да заспие. Со „Распеани Паланчани“ќе ја слушаме: мојата, вашата, нашата песна, искорната од нашето тло, од кривопаланечката судба и љубовна сага, од чувствителната   душа на моите паланчани.“

Во присуство на видни гости, стари членови на составот и голем број на кривопаланчани членовите на „Распеани Паланчани“ ги разлејаа добро познатите звуци на песните Лудо младо сараи си градеше, Одала се је мамо Ленка Стевчова, Минеш минеш под овај сокак, Пројдов преко чаршија и многу други традиционални кривопаланечки староградски песни.

Настанот беше збогатен со присуството на нашиот светски познат баритон Борис Трајанов, кој што во чест на организаторите ја поздрави публиката со песните Си заљубив едно моме и Кога падна на Пирина.
Кривопаланчани во рамките на концертот имаа ретка можност да проследат и дел од видео материјалот од стариот состав на Распеани Паланчани од далечната 1976 година, и уште еднаш да ја почуствуваат душата на стариот град и на традицијата на старите кривопаланчани.
Во чест на синодот на Македонската Православна Црква кој што прусуствува во манастирот, и во чест на многубројните насобрани православни чеда од Крива Паланка „Распеани Паланчани“ концертот го завршија со изведба на песната над песните, химната на православна Македонија – 1762 лето

Големина на фонт
Контраст