Презентирана „Стратегијата за интегриран прекуграничен економски развој“

На 10 април 2013, во Големата сала на Советот на општина Крива Паланка беше одржана презентација на “Стратегијата за интегриран прекуграничен економски развој“, која е дел од проектот “Бизнисот нема граници“, финансиран од ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија – Македонија 2007-2013. Овој проект го реализираат Регионалниот центар за соработка СПЕКТАР“ од Крива Паланка, Бугарската менаџмент асоцијација и Фондацијата „Стратос“ од Бугарија.

Основна цел на проектот е да се поддржи претприемништвото преку иновативна билатерална соработка помеѓу активните економски чинители- претприемачи, МСП, фармери, НВО и локалните власти од областа Ќустендил-Р.Бугарија и Североисточниот регион-Р.Македонија.

Градоначалникот Арсенчо Алексовски ја поздрави иницијативата за економска соработка помеѓу фирмите од македонска и бугарска страна, истакнувајќи дека иако најдобро се познаваме, сепак многу малку соработуваме. Затоа, според него, стратегијата би можела да ги поттикне луѓето на нови бизнис идеи и заедничка соработка на двата прекугранични региона.

Д-р Ристо Иванов од Креација-Скопје, подвлече дека „Стратегијата за интегриран прекуграничен економски развој“, е изготвена врз основа на анализа на економските карактеристики на двата погранични региони.

– Иако и двата региона имаат огромни потенцијали се уште немаат никаква форма на бизнис соработка. За да се валоризираат овие предности неопходни се повеќе приоритети како што се брендирање на регионот, развој на човечки ресурси, промоција на автентични производи и креирање на нова понуда, бизнис комуникација, нови технологии и друго, рече Иванов.

Покрај презентацијата на стратегијата, беа реализирани посети на успешни фирми и бизнис средби помеѓу македонски и бугарски претприемачи од регионот, кои разменија искуства и договорија идна соработка.



Големина на фонт
Контраст