Еколошка акција во Крива Паланка

Еколошка акција за почист град се спроведува во Крива Паланка. За неполни два месеца се расчистени, уредени и обновени повеќе запуштени јавни објекти.

– Конечно е решен 20-годишниот проблемот со најголемата дива депонија, на влезот во градот од граничниот премин Деве Баир, што оставаше грда слика за транзитните туристи. Од депонијата, која се наоѓаше веднаш до водотекот на Крива Река и меѓународниот пат, отстранети се 11.000 кубни метри шут, градежен материјал, комунален и друг отпад. Површината е уредена и има зачестени контроли за да биде спречено повторното создавање дива депонија – вели Бранко Велиновски, раководител на Одделението за инспекциски надзор.

Обновен е и запуштениот Градски парк, а повторно е ставена во функција и градската фонтана, како и фонтаните за вода за пиење.

– Паркот ќе биде доопремен со детски реквизити, а во тек е и набавка на 30 клупи, кои ќе бидат поставени на повеќе места во градот. Започнато е и со ноќно собирање на сметот, а набавени се и 50 нови контејнери – вели Велиновски.

Иницијатор на акцијата е градоначалникот Арсенчо Алексовски, а инвеститор е Општината, која очекува поддршка за ангажирање на невработените лица преку проектот на Агенцијата за вработување.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст