Отворен Општински услужен центар

Во Крива Паланка вчера беше пуштен во употреба Општински услужен центар, во кој граѓаните ќе може да поднесат барања за услуги и да добијат информации за надлежностите на општината. Беше промовиран и проектот „Да го допреме срцето на Осогово“, со кој се предвидува изградба на локален пат од 2,5 километра во правец Дурачка Река – село Дренак.

На свеченоста  присуствува високиот преставник на Европската унија Н.Е Ерван Фуере, неговото високо преосвештенство митрополит Кирил, кметот на општина Дупница г. Атанас Јанев, раководителот на ЗТС г. Николај Дочев, преставници од владините институции, меѓународни организации и градоначалници од регионот.
По свеченото обраќање на градоначалникот на општина Крива Паланка г. Арсенчо Алексовски, и по поздравните говори на г. Ерван Фуере и Атанас Јанев, беше извршена презентација на проектот „Да го допреме срцето на Осогово“ од страна на координаторот на проектот Драган Величковски.

Амбасадорот Фуере оцени дека двата проекта нудат огромен потенцијал за прекуграничната соработка и се значајни за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.
Во рамките на свеченоста градоначалниците на Крива Паланка и Дупница, Арсенчо Алексовски и Атанас Јанев ја потпишаа спогодбата за партнерство на истоимениот проект.

Целата свеченост беше крунисана со свеченото отворање на Општинскиот услужен центар од страна на градоначалникот Арсенчо Алексовки и високиот преставник на ЕУ Ерван Фуере, а со благослов на митрополитот Кирил.