ООУ „ЈОАКИМ КРЧОВСКИ“ – ЕКО УЧИЛИШТЕ

Основното училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка успешно ја имплементира Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ со што се приклучи на светската мрежа на еко училишта.

Училиштето ги исполни сите критериуми за секој од седумте еколошки елементи кои беа утврдени со мониторингот од соодветна комисија составена од претставник на Министерството за образование и наука, претставник на Бирото за развој на образование, претставник на Државниот просветен инспекторат, претставник од Швајцарската агенција за развој и соработка,  претставник од Министерството за труд и социјална политика и претставник од Невладината организација ОХО.

Со одобрување на апликацијата училиштето „Јоаким Крчовски“ се стекна со највисоката награда, добивање на статусот Зелено знаме. Училиштето ќе ја прими наградата на Еко самитот во Охрид кој ќе се организира  на 21 и 22 февруари 2013 година.

Со стекнување на статусот на Еко училиште ова училиште ќе има можност да аплицира за голем број еколошки проекти, ќе има можност да размени искуства со многу училишта од светот и со тоа да даде свој придонес кон светските напори за зачувување на нашата планета.

Училиштето „Јоаким Крчовски“ раководено од својот Еко одбор во изминатата 2012 година максимално работеше на реализација на над 35 еколошки активности за спроведување на сите седум еко стандарди.

Во успешната реализација на Еколошката програма активно се вклучија сите наставници, ученици, Советот на родители од училиштето, локалното комунално претпријатие, локалните медиуми и локалната бизнис заедница.

Посебно активна улога во реализација на Програмата имаше Локалната самоуправа заедно со Градоначалникот Арсенчо Алексовски кој реализацијата на оваа Програма ја помогна со вклчување на човечки ресурси и материјална логистичка подршка.

Со оваа Програма учениците се стекнаа со активна и одговорна улога кон животната средина која ќе ја практикуваат во училиштето, во домот, но и во својата заедница и пошироко.

Стекнувањето на овој еколошки бренд уште еднаш ги потврдува заложбите на Општината за Крива Паланка еколошка точка на картата на светот.


Големина на фонт
Контраст