Промоција на проектот „Културното наследство на нашите предци – духовен столб на нашата заедничка европска иднина“

На 22.01.2013 година во  големата сала на Општина Крива Паланка се одржа промотивна прес конференција за проектот „Културното наследство на нашите предци – духовен столб на нашата заедничка европска иднина“. Проектот е финансиран од ЕУ преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р.Бугарија и Р.Македонија. Проектот е  со времетраење од 12 месеци, а вкупниот буџет изнесува 97 156, 38 евра. Водечки партнер е Регионалниот историски музеј „Академик Јордан Иванов“  од Ќустендил, а Oпштина Крива Паланка е проектен партнер.

Градоначалникот, г.Арсенчо Алексовски, ја отвори презентацијата и даде краток вовед за целите на проектот, нагласувајќи ја важноста на меѓусебната соработка во истражувањето и презентирањето на културното наследство. Директорот на РИМ „Академик Јордан Иванов“,г.Валентин Деброчички, подетално ги опиша активностите на проектот како и неговиот континуитет во однос на претходните проекти кои се имплементирани на територијата на општините Крива Паланка и Ќустендил.

Со реализацијата на овој проект ќе се зајакне прекуграничната соработка на полето на културата преку воспоставување на контакти и организирање на нови заеднички културни настани и фестивали. За таа цел ќе бидат организирани дводневни фестивали на културата во Ќустендил и Крива Паланка на кои ќе бидат презентирани традиционалните носии и традиционалната кујна . Дел од фестивалот ќе биде и спектаклот за деца наречен „Игрите на баба и дедо“ преку кој помладите ќе се запознаат со игрите кои биле дел од детското секојдневие на постарите генерации.

Во рамките на проектот планирани се обемни и сеопфатни теренски и архивски истражувања преку кои ќе се документира материјалното и нематеријалното културно богатство на прекуграничниот регион. Овие комплексни истражувања ќе се реализираат од страна на експерти кои ќе изработат т.н. унифицирани анкетни листи (прашалници) – идентификациони карти преку кои ќе бидат евидентирани, истражени и документирани сите видови на културното наследство присутно во пограничниот регион. Експертскиот тим се состои од археолози, етнолози и историчари на уметноста.

Од информациите добиени од кабинетските и теренските  истражувања ќе се изработата три вида на брошури и туристички водич  насловен како „По патот на легендите“.На крајот од проектот е предвиден дводневен семинар „Културно наследство без граници“ кој ќе се одржи во манастирот Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. На семинарот ќе присуствуваат експертите од истражувачките тимови од Р. Македонија и Р. Бугарија како и други научни работници кои работат на истражувањето, документирањето, заштитата и презентирањето на културното наследство.

Големина на фонт
Контраст