Уредување на речното корито во Крива Паланка

Летни сцени, угостителско-туристички објекти, рекреативни, спортски локалитети и друга урбана опрема предвидува новиот проект за регулација на коритото на Kрива Река и уредување на кејскиот простор во градското подрачје, што веќе отпочна да го реализира општина Kрива Паланка.

Тендерот за изработка на проектот веќе е завршен и следува изборот на проектантска куќа, која ќе ги прецизира сите локалитети и содржини на коритото, во должина од 2,8 километра, односно од населбата Бегови Бавчи до Градскиот базен.

– Според проектната програма предвидена е регулација на мињор-коритото со широчина од 10 метри и висина од еден метар. Од проектантот ќе бараме особено внимание да посвети на местото каде што Дурачка Река се влева во Kрива Река. Ретко во кој град во централното градско подрачје се влеваат една во друга две реки и затоа овој простор сакаме да го искористиме и да го претвориме во атракција, со содржини кои ќе дадат модерен и амбиентален лик на локалитетот – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Покрај заштитата од излевање на реката и спречувањето поплави, општината планира да го уреди неискористениот простор долж Kрива Река.

– Предвидено е проектот да опфати изградба на мали летни сцени за одржување културни настани, повеќе рекреативни скверови, угостителско-туристички локалитети и поставување на урбана опрема за одмор и релаксација – вели Алексовски.

Дел од средствата за регулацијата и за уредувањето на кејскиот простор општината планира да ги обезбеди од ИПА-програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија. По изработката на планската документација ќе се аплицира по најновиот повик за оваа програма на ЕУ, кој веќе е објавен, а од каде може да се обезбедат околу 200 илјади евра за Kрива Паланка. Во овој проект, пак, ќе биде вградена и велосипедско-ролерската патека во коритото на Kрива Река, која веќе се гради со 250 илјади евра, обезбедени од оваа програма на ЕУ. Изградбата на патеката се реализира во партнерство со Ќустендил, а градежните работи веќе се во напредната фаза.



-Велосипедско-ролерската патека е долга 1,2 км и го опфаќа течението на Kрива Река од Спортскиот комплекс до Градскиот парк. Покрај патеката, овој дел ќе биде уреден и со надворешна спортска и урбана опрема и осветление. Воедно, ќе биде извршено и експертско истражување за состојбата и влијанието на животната средина во прекуграничниот регион. Со новиот проект за регулација на мињор-коритото и искористување на кејскиот простор, пак, ќе се заокружи уредувањето на речното корито во централното градско подрачје- вели проект координаторот Сашко Додевски.

Извор: Дневник