Поставени енергетски ефикасни светилки

Со замена на светилките за внатрешно осветлување во повеќе јавни објекти, кои се во надлежност на општината, Општина Kрива Паланка ќе ја намалува потрошувачката на фосилни горива, со што ќе влијае за заштита на животната средина. Веќе се поставени вкупно 305 енергетски ефикасни светилки, со што се овозможува и заштеда на електрична енергија. Овие мерки се реализираат во рамките на проектот „Kрива Паланка – енергетски ефикасна општина – успешна општина“, кој го спроведува Регионалниот центар за одржлив развој (РЦОР) од Kратовo во соработка со Општина Крива Паланка.

Во рамките на проектот отпечатен е и прирачник за енергетска ефикасност, а ќе следуваат и работилници и кампањи за подигање на свеста за потребите од штедење на енергетските ресурси кај младите и нивно непосредно ангажирање преку ликовни и поетски творби. Проектот целосно треба да биде реализиран до јануари 2013 година.

Вкупната вредност на проектот изнесува 36.262 долари, од кои 50 проценти се обезбедени од Глобалниот еколошки фонд – Програмата за мали грантови, 25 отсто се учество на Центарот за одржлив развој, а другите 25 отсто се обезбедени од буџетот на Општината.