Посета на збратимениот град Лугож – Романија

Во периодот од 14 до 16 aвгуст, делегација на општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Арсенчо Алексовски на покана на градоначалникот на градот Лугож, Францис Болдеа, оствари посета на овој наш збратимен град, по повод празникот на градот Руга Лугојана.

Посетата претставува реализирање на Договорот за соработка помеѓу Општина Крива Паланка и општината Лугож, потпишан на 8-ми Октомври 2011 во Крива Паланка, односно продлабочување на соработката помеѓу двата града и презентиција на взаемната подготвеност за јакнење на односите на пријателство и за искористување на можностите за заеднички активности во сите сфери од интерес.

Согласно на програмата за празникот Руга Логојана, во општинската сала се оствари состанок на Градоначалникот на општината Лугож, Францис Болдеа, со делегациите на збратимените градови на оваа општина. Во поздравниот говор градоначалникот Болдеа помеѓу другото го презентира и потпишаниот договор за соработка со општина Крива Паланка. На состанокот  беа разменети и пригодни поклони, односно Градоначалникот Алексовски на својот романски колега му подари слика со мотив од најпознатото обележје на Крива Паланка – Манастирот Св. Јоаким Осоговски.

Градоначалникот Алексовски, во освоето обраќање, истакна дека колку повеќе пријатели постојат, толку еден град е побогат, што значи дека со заднички напори може да се постигне могу повеќе. Тој потенцира дека  во понатмошниот период, за продлабочување на веќе воспоставената соработака, треба заеднички да се подготват и да се аплицираат проекти од сите области за кои се склучени договорот за збратимување и соработка, а со единствена цел за унапредување на условите за живот на граѓаните на двата збратимени града.

Потоа делегациите присуствуваа на традиционалната Молитва која се одржа во православната црква,  а потоа проследија серија на улични перформанси во различни делови од градот, присуствуваа на вечерната служба и остварија посета на галеријата каде беше поставена етно изложба на традиционална облека изработена од кожа и други матријали, дел од фолклорот на населението на Лугож. Според традицијата, молитвата Лугојана  заврши на полноќ со прекрасен огномет.

Празникот Руга Лугојана е еден од поголемите општински празници со огромна посетеност.

Посетата исто така беше искористена и за остварување на конткати со администрацијата и претставници на институции и претпријатија, како и со останатите делегации на збратимените градови на општина Лугож. Градоначалникот Алексовски, Директорот на ЈП Комуналец Крива Паланка Николовски и Советникот Додевски разменија искуства во повеќе области, а особено во поглед на комунални дејности, изградбата, социјалната инфраструктура, културата, заедничко настапување пред европските фондови, искористување на позитивните искуства и други области. Во разговорите помеѓу  збратимените општини Крива Паланка, Вршац и Лугож е договорено преку заедничка соработка  да се оствари реализација на поголем број заеднички проекти.

Делегацијата на Општина Крива Паланка исто така оствари посета и на збратимениот град Вршац  од Р. Србија, каде беше примена од страна на заменик претседателот на општина Вршац, Зоран Томич, каде се разговараше за досегашната плодна соработка и понатамошно нејзино продлабочување.