Вицепремиерот Владимир Пешевски ја посети општина Крива Паланка

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ја посети Општина Крива Паланка. Согласно на aгендата, вицепремиерот Пешевски најпрвин оствари средба со вработените во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и беше запознаен со тековното извршување на работите, како и со проблемите во земјоделството, водостопанството и шумарството во овој регион. Во рамки на посетата се состана и со вработените од  Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение за катастар на недвижности во Крива Паланка каде водеше расправа за состојбите и проблемите со кои се соочуваат граѓаните од Крива Паланка, а во врска со  надлежностите на катастарот.

На состанокот со градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, вицепремиерот беше запознат со реализацијата на проектот  кој се остварува по принципот на јавно приватно партнерство -изградба на Административно деловен комплекс -Мала зграда и придобивките кои ги добива општината.Од страна на вицепремиерот беше истакнато дека ова претставува позитивен пример за ЈПП кој треба да го следат и  другите општини, земајќи во предвид дека од скромни 150 м2 стара зграда се добиваат дури 475 м2 современ адиминистративен простор, без притоа општината да одвојува финансиски средства за негова изградба.

Исто така вицепремиерот беше информиран и дека проектната документација за гасификацијата на градот Крива Паланка е готова, како и дека е во тек изработката на физибилити студијата врз основа на која понатаму ќе се определи начинот на реализација на гасификацијата, кое исто така беше позитивно оценето од страна на вицепремиерот. На посетата се дискутираше и за развојните планови на општината и за други прашања и проблеми со кои се соочува општината.

Големина на фонт
Контраст