Германски донатори го посетија клубот „Достоинствен живот“ во Крива Паланка

Претставници на Црвениот крст од Покраината Баден Виртемберг од Германија го посетија Клубот „Достоинствен живот“ во ООЦК Крива Паланка, кој функционира со финансиска подршка од германските донатори, како дел од проектот „Активна и креативна старост“. Гостите од Германија, г-н Ханс Милер и г-ѓа Лоте Мулер, беа презадволни од активностите и постигнатите резултати на Клубот во кој членуваат лица од третото доба. Тие истакнаа дека веднаш може да се почувствува позитивната енергија и задоволството кај пензионерите од заедничкото другарување и делување, како и нивното активно и делотворно стареење.

Членовите на Клубот изразија огромна благодарност до донаторите од Германија, за нивната досегашна подршка. Тие истакнаа дека дружењето, бројните работилници и  заеднички активности, им го збогатуваат секојдневието, го зацврстуваат нивното пријателство, стекнуваат нови вештини, разменуваат искуства и им ги откриваат убавините на зрелото доба. Членовите потенцираа дека благодарение на овој Клуб денес се активни и креативни личности, кои учествуваат во општествените текови на локалната заедница. Дел од нив станале и волонтери на Црвениот крст, кои им пружаат помош на други ранливи категории лица, пројавуваат самоиницијативност за одредени акции и учествуваат во останатите програмските активности на ООЦК Крива Паланка.

Во знак на благодарност на донаторите од Германија, членовите на Клубот им подарија пригодни подароци, кои ја отсликуваат кривопаланечката традиција и автентична култура, како и обележјата на Црвениот крст. На Црвениот крст од Покраината Баден Виртемберг му беше подарен албум од двегодишните активности на Клубот, а германските донатори добија и ЦД-а со видео запис за активностите и постигнатите резултати за златното доба на зрелоста.

Донаторите најавија и понатамошна подршка на кривопаланечкиот Клуб, кој во третата фаза ќе се реализира во рамки на проектот „Активно стареење“.

           

Големина на фонт
Контраст