Пуштени во употреба инфо-терминалите во Крива Паланка

Посетителите на Крива Паланка, Ќустендил и Штип отсега ќе може да се информираат за туристичките капацитети, културно-историските и природни знаменитости во прекуграничниот регион преку туристички инфо портали, кои се поставени во овие три општини. Иновативниот начин на промоција на туризмот е со уреди со монитор на допир,  мрежно поврзани од страна на специјализиран софтвер.Тие обезбедуваат лесен пристап и исцрпни информации за туристичките сајтови во трите општини, почнувајќи од туристичките атракции, до сместувањето, комуникациските врски, храната и забавата. Податоците за секој објект се придружени со фотографии, информации за контакт, линкови и онлајн мапа и резервации. Уредите нудат можност и за принтање на информациите и телефонска конекција.

Туристичките терминали, кои денеска беа промовирани во Крива Паланка, се дел од проектот „Туризам без граници“, финансиран од ИПА програмата за погранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија. Промоцијата беше извршена во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ од страна на проект координаторот Наташа Стоилковска, а на свеченоста присуствуваа и претставници од Ќустендил и од Штип. Вкупната вредност на проектот е околу 300 000 евра, со кои се инсталирани 8 електронски платформи од кои 4 во Ќустендил, кој е носител на проектот и по 2 во партнерските општини Крива Паланка (еден во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“, а другиот во центарот на градот) и во Штип.

Со модернизацијата на туризмот во овој пограничен регион се повеќе ги развиваме своите потенцијали во оваа област и ги поврзуваме луѓето според концептот на ЕУ за комуникација без граници. Целта е преку туризмот да се обезбеди и одржлив економски и социјален развој во пограничната област, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Во рамките на проектот разработена е и рекламна стратегија, а туристите можат да ги добијат информациите на македонски, бугарски, англиски и италијански јазик.          

          

    

    

                                                          

         

Големина на фонт
Контраст