Градоначалникот им честиташе на успесите на кривопаланечките каратисти

Градоначалникот Арсенчо Алексовски организираше прием за каратистите од карате клубот „Крива Паланка“ и им честиташе на нивните големи успеси, кои ги постигнаа на Меѓународниот турнир „ИПОН куп 2012“, што се одржа во Лесковац, Србија. Групата од 16 каратисти на овој значаен турнир се врати со вкупно 24 медалји од кои 3 златни, 6 сребрени и 15 бронзени медалји. Меѓу 760 учесници од 49 клуба од Србија, Македонија, Бугарија, Романија, Црна Гора и Албанија, Карате клубот „Крива Паланка“ беше меѓу најуспешните три екипи.

Горд сум што имаме вакви каратисти, кои постигнуваат огромни успеси на меѓународни турнири, од каде секогаш се враќаат со вредни награди и признанија. Како општина која вложува во развојот на спортот, и понатаму ќе продолжиме да им даваме подршка на нашите спортски клубови и да ги поттикнуваме на уште поголеми успеси нашите млади спортисти, истакна градоначалникот Алексовски.

Каратистите се заблагодарија за подршката која ја добиваат од градоначалникот и општината, истакнувајќи дека од нивна страна им се обезбедени сите услови за тренинг и подготовки за натпреварите, како што нема ниту една од останатите општини, па дури и од големите центри во земјава. Дел од каратистите се стипендисти на Министерството за образование и наука и на општина Крива Паланка заради покажаните успеси и таленти.

Претставници од Карате клубот „Крива Паланка“, кои се дел од македонската карате репрезентација, поточно помладите кадети Марија Спасовска и државниот првак во категоријата – 35 кг. Христијан  Димитриевски, минатиот викенд учествуваа и на Балканското првенство во Херцег Нови, Црна Гора. Нашите каратисти следниот натпревар ќе го имаат на меѓународниот турнир во Власотинце, Србија.

Градоначалниот Алексовски истакна дека Крива Паланка и понатаму работи на развојот на спортот во општината.

Со Агенцијата за млади и спорт потпишавме договор за изгрдба на уште едно повеќенаменско игралиште, кое ќе биде лоцирано во кругот на некогашната касарна. Истовремено, ке продолжи и изградбата на повеќенаменското игралиште и спортската сала во рамките на  спортскиот комплекс, со што ќе ги заокружиме капацитетите за обезбедување соодветни услови за развој на сите видови спортови, рече Алексовски.

 

 

 

         

Големина на фонт
Контраст