Претседателот Иванов на одбележувањето на 20-годишнината од преземањето на државната граница

Со преземањето и одбележувањето на границата на независна и самостојна држава, Македонија испрати порака дека на мирен начин сака да го постигне она што другите го правеа насилно и со оружје. Покажавме дека сакаме да имаме мирни и добри односи со сите соседи и со сите што живееме во овој регион, истакна претседателот Ѓорге Иванов на вчерашното свечено одбележување на 20-годишнината од преземањето на првата караула Рамна Нива од страна на тогашната Територијална одбрана, со што почна мирното примопредавање и раздружување со ЈНА.

На Рамна Нива се роди самостојноста на татковината и тука е зародишот на АРМ. Токму со овој историски настан покажавме дека имаме капацитет не само да прогласиме независност туку и да ја чуваме, да го исполниме заветот на илинденците и на борците на НОВ, како држава да опстоиме во бурниот период на кризи и воени конфликти во поранешна СФРЈ – подвлече Иванов.

На 20-годишниот јубилеј присуствуваа и тогашниот министер за одбрана Трајан Гоцевски и генерал Ѓорѓи Kаракутовски, како директни учесници во историските настани, кои се осврнаа на турбулентниот период од создавањето на независна Македонија.

 

Македонија успеа да го одбегне отворањето на јужниот фронт и да изгради сопствена држава и Армија, иако имаше недоверба дека не сме способни за тоа и дека за неколку месеци ќе коленичиме да нe спасува ЈНА – истакна Гоцевски.

По 20 години македонското знаме, кое тогаш првпат беше поставено на граничниот јарбол на државната граница на Македонија, повторно го крена тогашниот резервист Драги Митевски, кој заедно со останатите 22-ца територијалци повторно се построи на Рамна Нива.

Претседателот Иванов говореше и на свечената академија во Центарот за култура во Kрива Паланка, посочувајќи дека Македонија ги има исполнето сите обврски и критериуми за членство во НАТО.

 

Доколку на самитот во Чикаго надвладее силата на аргументот и правдата, како врховен командант на вооружените сили очекувам покана за членство во НАТО. Но, без оглед на конечната одлука, ние ќе продолжиме со реформите во сите сектори – истакна Иванов, кој кажа дека има позитивни очекувања и забрзување на преговарачкиот процес со подигање на највисоко ниво на дијалогот меѓу Македонија и ЕУ.

На јубилејната прослава  на Рамна Нива и на свечената академија, зборуваше и градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски. Во своето обраќање тој истакна дека кривопаланечките резервисти влегоа во историјата како први македонски војници, кои ја презедоа должноста и командата на караулите Рамна Нива, Деве Баир и Коприва и кои први го кренаа македонското знаме на граничниот јарбол.

 

Горди сме што токму кривопаланечките резервисти го започнаа испишувањето на славните страници од создавањето на АРМ. Што храбро, одлучно и непоколебливо застанаа во одрбрана на територијаниот интегритет и суверенитет на земјата во најтешките и одлучувачки моменти за македонската независност и самобитност. Токму резервниот состав во рамките на Територијалната одбрана одигра одлучувачка улога во зачувувањето на мирот и стабилноста на земјата и беше столбот на контролата на нејзината граница, подвлече Алексовски на Рамна Нива.

 

– Секое време остава свој белег во историјата, а секоја генерација испишува свои историски редови во нашето постоење.Територијалната одбрана и Организацијата на резервни офицери го запишаа својот придонес како чувари на мирот, а денешните македонски бранители, межу кои и кривопаланечките кои учествуваат во мировните мисии заедно со НАТО сојузниците, се врежаа во историјата како градители на стабилноста и безбедноста во регионот и во глобалниот свет, зборуваше во своето обраќање на свечената академија градоначалникот Алексовски.

Нашата сила нека биде во столбот на обединувањето и достоинствено да продолжиме да го градиме патот кон посветла иднина.Сигурноста и мирот нека останат највисок приоритет за државата, а безбедноста и мирољубивата политика најсилното оружје на нашата армија, заврши Алексовски.

На присутните им се обрати и претседателот на Општинската организациона единица на резервни офицери од Крива Паланка, Миле Јакимовски, кој ги посочи заслугите и заложбите на Територијалната одбрана и резервниот состав во изградбата на одбранбениот систем на државата.

Територијалци го понесоа најтешкиот товар во судбоносните моменти кога се создаваше АРМ и независната држава.Забрзано се носеше се што може да се однесе, а припадниците на ЈНА, под полно вооружување, се уште беа на нашите простори, кога се подготвувавме да ја преземеме контролата врз државната граница. Одигравме историска улога, а Ореганизацијата на резервни офицери и резервисти веќе 60 години активно го дава својот придонес во одбраната на територијалниот интегритет на Македонија. Пример за тоа е и што околу 500 резервисти од Крива Паланка, најголем дел доброволци, учествуваа во зачувувањето на целовитоста на РМ во воениот конфликт во 2001 година, истакна Јакимовски.

Од Организацијата на резервни офицери ја истакнаа и судбоносната улога на елитната единица на резервниот моторизиран баталјон од Крива Паланка, која во 1991 година донесе историска одлука да не оди во крвава војна во Хрватска БиХ и другите делови на Југославија, како што планираше ЈНА.

Од обуката во Кумановско, баталјонот се врати во Крива Палнка и се раздолжи, ги одби повиците за повторна мобилизација и на 20 јули 1991 година беше донесена одлука од највисокиот државен врв единицата да не се мобилизира и да се врати дома. Со тоа отпочнаа и преговорите за повлекување на ЈНА и преземање на државната граница од Територијалната одбрана-сегашен резервен состав, токму од кривопаланечките караули, истакна Веселин Стојановски од Организацијата на резервни офицери.

Во рамките на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј Претседателот Иванов ги посети Манастирот Свети Јоаким Осоговски како и Градскиот Музеј во Крива Паланка.

 

Големина на фонт
Контраст