Безбедни училишта- игри без граници

Стотина родители и деца вчера учествуваа во спортско-рекреативните игри на платото кај градскиот плоштад во Крива Паланка во рамки на проектот „Безбедни училишта- игри без граници”. Проектот е во организација на отсекот за превенција при Полициска станица од општа надлежност Крива Паланка, во соработка со СВР Куманово, отсек превенција, сојуз на училишен спорт на Куманово и Крива Паланка, основните и средното училиште од градот и Општинската организација на Црвен крст, Крива Паланка.

– Насилство во и врз училиштата зема се поголем замав, а насилството врз децата започнува уште во раната возраст и се провлекува низ подоцнежните фази на развој и во училиштата и во останатите сфери на социјалната средина. Насилството во училиштата во социолошката литература се третира како производ на општествената криза.Токму затоа отсек превенција при СВР Куманово го реализира проектот Безбедни училишта, кој низ различни активности во текот на годината, веќе повеќе години, влијае директно на превенција на насилството, на едукација на младите, на инволвирање на сите чинители, од родителите, наставниците и останатите „актери” во општеството, за да се променат нештата во позитивна насока. Во таа насока е и денешниот настан во кој конкретно се креирани активности за вклучување и на родителите и на дечињата, за квалитетно поминато слободно време заедно на членовите на семејството, основна алка на општеството, изјави Стојмир Стефановски, помошник командир за јавен ред и мир од отсек за превенција ПС ОН, Крива Паланка.

Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски рече дека модерните технологии се наплив во социјалното живеење во денешницата, одземајќи го времето за дружба и квалитетно поминато слободно време на родителите и децата.

– Сите сме помалку или повеќе жртви на модерната ера, заборавајќи дека квалитетот на живот и посветеност на младите, на децата, придонесува за градење здрави навики на идните генерации.Овој вид игри за дружење без граници се само еден концепт кој треба да се пресликува што повеќе во нашето секојдневие, рече Мицевски.

Игрите вклучија трчање, штафетен полигон со погодување на зададена цел, заеднички активности за родителите и децата во екипите, а крајниот резултат беше во втор план, победници се сите кои дојдоа да учествуваат и да ги бодрат, истакнаа организаторите.