Коле Ангеловски лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“

Истакнатиот македонски актер, режисер и сценарист  Коле Ангеловски е добитник на наградата за лауреат на овогодинешното издание на Меѓународниот театарски фестивал  „Свети Јоаким Осоговски“, кој по единаесетти пат  ќе се оддржи од први до осми октомври во Крива Паланка.

Наградата за лауреат на Меѓународниот театарски фестивал  „Свети Јоаким Осоговски“, му беше врачена на свечена пригода во салата на Советот на Општина Крива Паланка од страна на градоначалникот Борјанчо Мицевски.

Коле Ангеловски е еден од најпознатите македонски театарски и филмски актери, комедиограф, сценарист, како и писател, преведувач и раскажувач, кој целиот свој живот го посветил на развојот на македонската театарска уметност и култура.

Животниот и творечки опус на Ангеловски е разновиден, динамичен и многу плоден, a кариерата како актер ја започнува во далечната 1961 година, играјќи го ликот на Треф во култниот филм ,,Саша“ за што добива награда на престижниот фестивал во Пула. По дипломирањето во 1964 г. во Белград останува до 1967 година и продолжува да снима филмови и во тој период се снимени околу 20 филмови.

Веднаш по враќањето во Скопје се вработува во Драмскиот театар, каде има одиграно дваесетина  ликови на сцената, а со режијата на детската претстава „Мустаќите на генералот Рококајко” започува и неговото режисерско патешествие. Оттогаш, во матичниот Драмски има изрежирано 33 претстави од вкупно 130 во кариерата.

Во чест на овогодинешниот лaуреат Коле Ангеловски, пред бројните гости, беше презентиран краток докумнтарен филм за ликот и делото на актерот. А пригодна реч во негова чест оддржаа М-р.Трајчо Кацаров, Благоја Чоревски, а Гоце Ристовски ја промовираше автобиографската книга на Коле Ангеловски – „50 години Драмски и клоцата во …”.

Во рамки на днешниот свечен настан, градоначалникот Мицевски им оддаде признание на сите досегашни лауреати од изминатите десет фестивалски години, како и на сите кои се заслужни за организација и одржување на фестивалот веќе една деценија.

– Крива Паланка со сето она што го прави со овој фестивал единаесеттата година по ред се наметнува на театарската сцена во државата иако сме град што нема театар. За нас е вистинска чест што сме биле домаќини на сите балкански и македонски глумци кои се претставуваат пред кривопаланечката публика низ годините, дарувајќи насмевки, што претставува вистинско богатство и најмногу вредно во секојдневието што го живееме – изјави Мицевски.