Започнуват градежните активности на проектот „Културно наследство – мост кон заедничка иднина“

На ден 14.10.2011 година Градоначалникот на Општина Крива Паланка, г.Арсенчо Алексовски, потпиша договор со компанијата АГП ДООЕЛ од Свети Николе, која беше избрана за најповолен понудувач на објавениот тендер за градежни работи предвидени во проектот „Културно наследство-мост кон заедничка иднина“, финанасиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Р.Бугарија и Р.Македонија.

Вкупната вредност на проектот изнесува  286.776,23 евра. Проектот се реализира во соработка со Општина Дупница, Р.Бугарија, како водечки партнер со која Општина Крива Паланка има долгодишна и успешна соработка.

Од предвидениот буџет на истоимениот проект за Општината Крива Паланка се предвидени 44% или 124.794,74 евра, од кои 76.100 евра се предвидени за градежни работи поточно „ Реновирање и  адаптација на просториите на Стариот Дом на АРМ во Центар за Културно-Историско Наследство (ЦКИН)“ , кои се опфатени во потпишаниот договор.  

Целта на проектот е да се адаптира западното крило од Домот на АРМ и да се оформи археолошка поставка со која ќе се реализира дамнешната желба за презентирање и запознавање на пошироката јавност со подалечната историја на градот Крива Паланка. Покрај тоа, со истиот проект и предвидените градежни работи партерно ќе се уреди надворешниот простор од објектот како место за одмор и рекреација со фонтана и детско игралиште.

Од особен интерес на Општината е да се реализираат и имплементираат што поголем број на проекти финансирани од Европската Унија  за решавање на конкретни проблеми кои се есенцијални за развојот на Општината, меѓу кои  и за развојот на културниот туризам.

Големина на фонт
Контраст