Градоначалникот Мицевски приреди прием во чест на успесите на музичкиот оркестар при ООУ Јоаким Крчовски

Во чест на многубројните успеси, награди, признанија и пехари на младите музичари од училишниот оркестар при ООУ Јоаким Крчовски, градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски денес приреди прием во својот кабинет за нив и нивните ментори.

Оваа учебна година за младите музичари од училишниот оркестар од ООУ Јоаким Крчовски, беше извонредно плодна и успешна, како за нивните ментори така и за училиштето и општина Крива Паланка. Тие триумфираа на многу  натпревари на музички училишта на регионално, државно и меѓународно ниво и ни донесоа голем број на признанија, дипломи, награди и пехари.

Градоначалникот Мицевски рече, дека е големо задоволство да се имаат вакви талентирани и успешни млади музичари, кои благодарение на својот талент, заедничкиот вложен  труд со нивните ментори и родители постигаат значајни успеси, на кои сите се радуваме и се гордееме. Тој воедно им посака многу успеси и во наредната учебна година ветувајќи дека Oпшина Крива Паланка и тој како градоначалник, ќе продолжи  да работи  во насока на унапредување на поддршката на младите музички таленти.

Многубројните награди и големите успеси на овој училишен музички оркестар се должат и на несебичаната работа и труд како на учениците, така и на нивните музички ментори и тоа: проф. по хармоника Дејан Ангеловски, проф. по солфеж, Марина Пешовска Станишковска и раководителот на учишниот оркестар, проф. по пијано, Лариса Жулина-Митовски.