Крива Паланка ќе ги користи искуствата од партнерите во ЕУ

Лугож од Романија е град со стапка на невработеност од само 1,8 процент, а Млава од Полска само во инфраструктурната изградба вложува 4,5 милиони евра годишно, колку што е вкупниот буџет на Kрива Паланка.Затоа, помошта и искуствата од новите европски партнери ќе бидат од исклучително значење за развојот на нашата општина. Ова го истакна градоначалникот на Kрива Паланка, Арсенчо Алексовски, при потпишувањето на договорот за соработка и за збратимување со овие две општини од земјите-членки на ЕУ, по повод Денот на ослободувањето на градот – 8 Октомври.

Европските општини, кои веќе ги решиле економските проблеми и на големо инвестираат во останатите области, изразија подготвеност да и помогнат на Kрива Паланка со своите модели за економски развој, преку заеднички прекугранични проекти и заедничките визии за остварување на европските цели.

Ниската стапка на невработеност е резултат на 20-годишна работа и способност да се привлечат инвеститорите. Најпрвин ја обезбедивме потребната инфраструктура, а потоа понудивме поволни услови за откуп на земјиштето за градба на индустриските објекти од само 2 евра за квадратен метар. Лугож, град со 50.000 жители и буџет од 30 милиони евра, денес има 1.600 фирми, од кои 126 странски, добар дел германски производители на текстил, чевли, автоделови и сигурносни системи, а за секој што сака да работи има по едно работно место – вели градоначалникот на романскиот град Францис Болдеа.

Инвестициите и ниската стапка на невработеност се карактеристични и за полската општина Млава со околу 30.000 жители.

Во инфраструктурата инвестициите на годишно ниво изнесуваат 4,5 милиони евра, а вкупниот буџет е 20 милиони евра. Млава е економски развиен град, само во компанијата „ЛЏ логистик“ се вработени 4.000 луѓе и сега веќе ни се најважни вложувањата во образованието и во едукацијата – вели Kшиштов Јарос, директор за инвестиции во општина Млава.

Покрај економскиот успешен модел, овие две општини се истакнуваат и по импресивните спортски резултати и вложувањата во спортот, кој е уште една област во која ќе и помагаат на Kрива Паланка. Лугож има две олимписки шампионки во гимнастика, како и 11 европски шампиони, 7 олимписки и 3 светски шампиони во борење, а веќе 4 години е првак на Романија во овој спорт. Полскиот град Млава, пак, само во спортот на годишно ниво инвестира 1,25 милион евра.


Нашиот градоначалник е спортист и многу се инвестира во оваа област. Сите училишта имаат спортски сали и фудбалски игралишта, а годинава тие се реконструираат во поголеми капацитети и се градат терени за гимнастика на отворено – вели Kатажина Kашуба, советник на градоначалникот на Млава.

Претставниците на европските градови истакнаа дека ќе ја помагаат Kрива Паланка во заедничкиот развој, користејќи ги нивните капацитети за прекугранични проекти.

Kако членка на ЕУ, ние имаме поголема проодност на проектите. Разликата е во тоа што општините од земјите од ЕУ учествуваат во проектите со 2 процента сопствени средства, додека останатите општини мора да вложат 15 отсто – нагласува градоначалникот Болдеа.

Одушевени од Македонија

Гостите од Романија и од Полска беа одушевени од Македонија и од гостопримливоста на нашиот народ.

Единствено нешто што не  разделува е оддалеченоста од 1.700 км, а се друго не поврзува. Луѓето овде се фантастични, а македонската храна е по моја мерка. Да не живеев толку добро во Полска, би се преселила овде. Убавините на вашиот град и на земјата ќе ги презентираме на нашата веб-страница за да привлечеме што повеќе полски туристи да ја посетуваат вашата земја – истакна Kашуба.

Извор:Дневник