Прогласени најдобрите просветни работници и ученици на генерација во Крива Паланка

Во салата на НУ Центар за култура во Крива Паланка, синоќа се одржа свечена академија по повод 24 Mај – Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј.

На свечената академија свое обраќање имаше градоначалникот на  општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој пред присутните гости зборуваше за значењето и улогата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Во своето обраќање, Мицевски истакна дека, општина Крива Паланка од минатата година отпочна една светла мисија со која, локалната самоуправа настојува да ги препознае, да ги награди и да им оддаде признание на најдобрите и највредните чинители во воспитно образовниот процес и со тоа да направи мал чекор во стимулирањето на идните генерации од професори, наставници и ученици, за да тие трајно се вткаат и максимално се вложат во она што го работат и творат.

-Од мое лично име и од името на општинската администрација, како и од сите присутни вечерва, сакам да им се заблагодариме на просветните работници, на учениците и на воспитно образовните институциина на кои тие им припаѓаат, и сакам да им оддадеме сесрдна  почит и признание за сето она што го прават за унапредувањето на воспитно образовниот процес и за нивните успеси со кои, сите ние се радуваме. Ви го честитам паразникот на сесловенските просветители Кирил и Методиј и Ви посакувам уште многу успеси во понатамошната работа, рече градоначалникот Мицевски.

На свечената академија, од страна на градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски беа прогласени и наградени најуспешните просветни работници во одделенска и предметна настава на територијата на општина Крива Паланка за учебната 2018/2019 година и им беа доделени признанија и на учениците на генерацијата од основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ и  во средното училиште „Ѓорче Петров“.

Наградите за најуспешни поединици од редот на просветните работници за учебната 2018/2019 година завршија во рацете на професор, Татјана Филиповска од СОУ „Ѓорче Петров“ и на просветниот работник во одделенска настава, Добри Јовевски од ООУ ,,Илинден“.

За ученици на генерацијата 2018/2019 година добија признанија Јован Младеновски од СОУ „Ѓорче Петров“, Марија Маџовска од ООУ „Илинден’’ – подрачно училиште од с.Мождивњак и Лина Рангелова, ученичка во ООУ ,,Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка.

 

Големина на фонт
Контраст