Перформанс на македонски, српски и на романски јазик

Љубовта, опеана на македонски, српски и на романски јазик, ја покажа својата голема моќ обединувајќи ги средношколците од Крива Паланка и српскиот град Вршац на драмската работилница во рамките на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.

Дваесет ученици од гимназијата „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка и од Домот за ученици на средните училишта од збратимениот град Вршац ги учеа актерските вештини и ја освојуваа сцената, сплотени околу идејата преку тројазичноста на драмскиот текст да  го освојат срцето на публиката. Перформансот „Ода на љубовта“ младите таленти го совладаа за само неколку дена, а на сцената покажаа дека љубовта, пријателството и разбирањето се најсилното оружје, кое не познава граници, различни јазици и националности.

– Некои од учениците првпат стапнаа на сцена, а играа како прави професионалци. Претставата ја направивме од срце, со љубов, за да покажеме што сe таа може да направи, дека е универзална, без граници, дека исто се чувствува и интерпретира кај сите националности и јазици. Младите таленти користеа текстови од дневниот печат, периодичните изданија и интернет и создадоа вистинска ода за љубовта. Перформансот, кој го подготвивме работејќи со жар, е заеднички подарок на трите етнички заедници од просторот на Балканот – вели режисерката на ова драмско дело – актерката Соња Радосављевиќ од Народниот театар „Стерија“ од Вршац.

Таа истакнува дека претставата ја пренесува пораката за моќта на љубовта за да се покаже дека можат да се надминат предрасудите, конфликтите и разединетоста меѓу луѓето, кои сe повеќе завладуваат во денешниот свет.

– Секој од овие млади актери зборуваше на својот мајчин јазик, како при подготовките и заедничкото дружење, така и при самата изведба на перформансот на сцената, а сепак совршено се разбираа. Покрај македонскиот и српскиот јазик, беше застапен и романскиот, кој е мајчин јазик на оваа многубројна етничка заедница во Вршац. Но, едни со други се надополнуваа, учеа и се сврзаа со вистинско пријателство – вели Радосављевиќ.

Младите актери истакнаа дека ова неколкудневно дружење за нив е ново и драгоцено искуство, кое колку што ги врзува за театарската уметност, толку ги прави и подобри личности.

– Кога сте со некого, а тој зборува на друг јазик, отвореното срце и љубовта се единствените нешта што можат да ве обединат околу идејата да го направите светот подобар. Ние и нашите пријатели имавме желба за тоа и го покажавме тоа преку драмската уметност на кривопаланечката театарска сцена. Можеби ова е наша прва и последна заедничка претстава, но она што го научивме ќе постои засекогаш. А научивме дека љубовта секогаш ќе нe поврзува. Ако научиш да го разбираш другиот, нема да можеш да го мразиш, туку ќе го сакаш, а тоа беше и целта на оваа заедничка претстава – велат гимназијалците од Крива Паланка.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст