Одржан општинскиот натпревар за изработки од рециклирачки материјали „Еко пакет 2019″

Во организација на еко-одборот на Oсновното општинско училиште „Јоаким Крчовски” од Крива Паланка вчера се одржа општинскиот натпревар за изработки од рециклирачки материјали „Еко пакет 2019″.

Комисијата од училиштето во соработка со координаторот за еколошка едукација во македонскиот образовен систем одбраа три најдобри изработки од вкупно пристигнатите осумдесет.

– Шеесет и три тима од по пет ученика под водство на наставници- ментори работеа на тема: изработка на електрични уреди од домаќинството со тетрапак амбалажа. Условите на конкурсот беа делата да бидат 75 отсто од тетрапак пакување, а 25 отсто од останати материјали, а пристигнаа исклучително креативни, интересни и оригинални творби, па комисијата имаше тешка задача да одбере три најуспешни кои ќе се претстават на националното натпреварување, изјави Маја Златковска, претседател на еко-одборот на ООУ „Јоаким Крчовски”.

Конкурсот е во организација на здруженијата „ОХО” и „Пакомак” кои на државното натпреварување ќе доделат три вредни парични награди за најдобрите.

Координаторот за еколошка едукација во македонскиот образовен систем при училиштето, наставникот Лазо Ѓоргиевски информира дека учеството на конкурсот е овозможено благодарение на континуираните заложби на одговорните од „Јоаким Крчовски” за реализација на еколошки активности, исполнување на еко-стандардите и обврските кои со себе ги носи одговорноста на поседување зелено знаме, епитет кој ова училиште го заслужува по третпат.