Спој на природата и етноамбиентот

Автентични и уникатни етнолокалитети, оригинални локални јадења и живописна природа, заштитена од урбаниот живот, привлекуваат туристи гладни за традиционално-културното наследство и за благодатите на природата


Спојот на живописната природа и етноамбиентот, сплотени во хармонијата на традиционалната култура на селата Станци и Дурачка Река, привлекуваат се поголем број посетители – љубители на руралниот туризам, кои се презаситени од луксузот и морските и езерски плажи на познатите туристички места. Оддалечени три, односно шест километри од Крива Паланка, овие две поврзани села во последните години се повеќе ги користат огромните потенцијали, преку инвестиции во развојот на туризмот, кој мами се поголем број гости, најмногу викендаши од Скопје, Куманово, Кратово, Штип и од соседните општини, но и странци од Англија, Америка, Германија и од други земји.

Станци и Дурачка Река нудат услови за различни категории гости, почнувајќи од т.н. пасивни туристи, кои сакаат само да се одмораат, рекреативци, планинари, авантуристи, па се до најмладите. Заштитени од пробивот на урбаните средини, гостите се воодушевени од задржаниот етнос, народното и културно творештво, традиционалните селски стопанства, здравото еколошко производство, кањонските предели на водотеците на Станечка, Козја и Дурачка Река.

 
Покрај прекрасните глетки на осоговската природа, посебен куриозитет се Станечките Водопади, кои се најголеми во осоговскиот масив. Едниот водопад е висок 9, а другиот 11 метри, а во подножјето од вителот на водата е создаден џиновски лонец. Водопадите се наоѓаат на 1160 метри надморска височина, а до нив се пешачи 2,5 км по кањонскиот предел на Козја Река, која извира од под врвот Калин Камен. Целото место е опколено со букова шума и високи карпи, кои достигнуваат и до 50 метри, поради што се особено интересни за планинарите и алпинистите.

– Љубителите на пешачењето особено уживаат во колоритниот пејзаж, попат се берат шумски јагоди, чаеви, се минува низ неопислива природна убавина. Тоа не може да се опише, мора да се доживее. Слаповите на водопадите се срцето на Осоговието, секој што ги видел, сака повторно да ги посети – истакнува Катица Борисовска, претседател на Планинарско-спортскиот клуб „Руен“ од Крива Паланка.

Таа напоменува дека овој планинарски клуб има лиценцирани водачи за Осоговските Планини, кои ги водат заинтересираните групи туристи до овој се уште недоволно познат локалитет. За нив тие обезбедуваат и традиционални специјалитети по нарачка од локалните жители, меѓу кои најбарани се баниците и рибите печени под вршник.

– Маршрутата и самите водопади се божја убавина. Чувствувате дека сте дел од природата, а исполнувањето блика од вас. Спокојот и задоволството од доживувањето остануваат во вас. Штета што не ги промовираме доволно нашите убавини и потенцијали – вели Валентина Лековска од клубот на пензионери „Достоинствен живот“ при Општинскиот црвен крст од Крива Паланка, кои неодамна организирано ги посетија водопадите.

Туристите, а посебно планинарите и авантуристите, можат да уживаат и во освојувањето на високите планинските предели кон соседните осоговски села Метов и Дренак, а притоа да се одморат во ловечката куќичка.

Станци и Дурачка Река се меѓу приоритетните проекти од стратегијата за развој на туризмот и на општина Крива Паланка. Поради огромните потенцијали што ги поседуваат, токму овој осоговски предел беше дел од прекуграничниот проект „Да го допреме срцето на Осоговието“, реализиран во партнерство со бугарската општина Дупница. Во рамките на проектот беше асфалтиран дел од патот кон Дренак и беше одржана манифестацијата „Осоговско етносело“.

– Оваа манифестација наиде на огромен интерес кај населението, како извонредна можност за промоција на еколошките, традиционални и етнопроизводи, како и автентичните специјалитети. Затоа, планираме таа во иднина да прерасне во традиционална, а од особена важност е да го доизградиме и патот кон селото Дренак, со што ќе се поврземе со хидросистемот „Злетовица“ и соседните општини од Осоговието. Сето тоа ќе придонесе за усогласен и одржлив развој на регионот преку туризмот и афирмација на нашите заеднички вредности и богатства – истакнува градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
 
Извор:Дневник