Градскиот оркестар „Aлегро“ со голем успех го заврши општинскиот проект

Со освоено високо второ место на престижниот Меѓународен натпревар на уметноста „Morning star“ во Банско, Р.Бугарија, Градскиот оркестар „Алегро“ ги заокружи активностите од проектот, кој во изминатите 7 месеци беше финансиски поддржан од Oпштина Крива Паланка.

Во голема и силна конкуренција, младите инструменталисти од Градскиот оркестар ги освоија симпатиите на публиката, но и на реномираното меѓународно жири, кое ни ја додели втората награда.

 – Презадоволна сум од резултатите и од настапот, посочи проф. Лариса Жулина – Митовски, раководител на оркестарот.

Ова е само уште еден од низата успеси, кои во изминатиот период ги постигна Градскиот оркестар „Алегро“. Со неговото формирање, пред 7 месеци, младите таленти добија можност да стекнат и да развијат музички вештини, како што се запознавање со инструменти, успешно музицирање, синхронизиран настап во група, самоувереност и настап на сцена. Нивниот музички квалитет го потврдуваат бројните настапи, награди и признанија, што сведочат за втемелувањето и подемот на музичката култура кај младите кривопаланечки музичари.

Формирањето и успешното функционирање на Градскиот оркестар во изминатиот период, покажа дека  Крива Паланка има бројни придобивки од овој музички формат.

 – Покрај збогатувањето на општинските настани и манифестации, најважен придонес е артикулирањето и всадувањето на љубовта кон музиката кај младите и нивното извонредно продуцирање на музичко-сценскиот израз. За да не запре тој индивидуален, но и колективен напредок на полето на музиката, најголема желба ни е и понатаму да ја имаме поддршката од Општината, за да можеме да продолжиме со идна надградба и постигање на успеси на уште повисоко ниво, порачува Лариса Жулина – Митовски.

Формирањето на Градскиот оркестар „Алегро“ беше поддржано од Општината Крива Паланка преку  Центарот за аудиовизуелни уметности.