Градскиот оркестар „Алегро“ со награда од Детскиот креативен фестивал „Ние зборуваме руски“

Градскиот оркестар „Алегро“ од Крива Паланка, под раководство на проф. Лариса Жулина-Митовски, доби уште една потврда за својата посветеност и креативност на полето на музичката уметност, како и за афирмацијата на општината.

 Младите музичари од „Алегро“ настапија  на Детскиот креативен фестивал „Ние зборуваме руски“, кој се одржа на 27 октомври во ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје, каде ја освоија втората награда, во конкуренција на млади уметници од повеќе градови од Македонија и од Германија.

Фестивалот е во организација на здружението „Озарение“, со поддршка на Руската амбасада во РМ, Московскиот центар за меѓународна соработка и други институции. Целта на оваа манифестација е запознавање на руската култура и зголемување на интересот за изучување на рускиот јазик.

Низата признанија и награди, кои ги освои во изминатиот период Градскиот оркестар „Алегро“, докажуваат дека проектот за негово функционирање, финансиски поддржан од Општина Крива Паланка, е од големо значење за развивање на музичката култура кај младите и нејзина промоција на државно и меѓународно ниво

-Правиме напори секаде каде настапуваме да ја претставиме Крива Паланка во најдобро светло, како Општина која вложува во своите млади кадри и им овоможува развој на нивните таленти. Истовремено, и родителите се многу горди на своите деца и им заблагодаруваме на нивната огромна поддршка. Задоволство е да се работи на правилното насочување на децата и креативното изразување на нивните капацитети и таленти, вели Лариса Жулина-Митовски.

 

Големина на фонт
Контраст