Првенствени кошаркарски спортски натпревари во Крива Паланка

Во текот на вчерашниот ден, недела 28.10.2018 г. во спортската сала „Бранители 2001“ во Крива Паланка се одддржаа два спортски натпревара во кошарка, а во организација на КК Крива Паланка.

Првенствените натпревари во кошарка се одиграа помеѓу женскиот  прволигашки тим, ЖКК Крива Паланка и ЖКК  Патриот 2016 од Делчево, а потоа и натпреварот помеѓу машките екипи на КК Крива Паланка и КК Спарта од Скопје.

На свечена церемонија, по повод овој несекојдневен спортски хепенинг, КК Крива Паланка, додели плакети за развој и промоција на кошарката во знак на благодарност на досегашната поддршка и унапредување на овој популарен спорт.

Плакети за поддршка и промоција за развој на кошарката во Крива Паланка добија: министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ, Љупчо Николовски, градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, а присуствуваа и Моника Гаврилоска, генерален секретар на Македонска кошаркарска федерација и Владимир Темелковски, спортски директор на МКФ, кои добија плакети за поддршка и развој на женската кошарка и кошарката во целост во Крива Паланка.

За несебична поддршка во развојот на кошарката во Крива Паланка плакети добија и поддржувачите, стопанственици: Антонио Димитровски, Сашко Митовски, Димче Тројановски и Игор Милковски, а посебна плакета му беше доделена на Кајл Бучер, волонтер на Мировен корпус на САД во Македонија, за посебен придонес во унапредување, развој, етаблирање, промоција на кошарката во Крива Паланка и особени заслуги за создавање трајни пријателства и соработка базирани на спорт, во меѓународни рамки.