Осоговски меѓу десетте најатрактивни манастири во светот

Хармонијата на природата, амбиенталниот простор и културно-историското наследство на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка го прават една од најпознатите туристички дестинации во нашава земја, кој секојдневно е посетен од огромен број посетители од земјата и од странство. Според географската положба, услугите и цените, овој манастир се најде и меѓу 10-те најатрактивни манастири во светот, кои странските тур-оператори им ги нудат на своите туристи, а тој веќе е дел од редовните туристички аранжмани на голем број гости од западноевропските земји.


Распослан на прекрасните падини во подножјето на Осоговските Планини, на околу 3 км од Крива Паланка, Осоговскиот манастир е еден од најопремените манастирски комплекси што нудат идеални услови за одмор, рекреација и престој, дури и за најпребирливите гости. Импозантното 10-вековно светилиште, покрај двете манастирски цркви, се надополнува со многубројниот придружен архитектонски ансамбл, панорамскиот видик и сместувачките капацитети.

– Комплексот располага со 120 легла во 6 конаци од кои 60 се апартманско сместување, со најсовремени стандарди, односно со опремени кујни, електрични апарати, ТВ, купатила, парно греење и друг потребен инвентар. Посебна атракција се преадаптираните стари амбари. Погоден е и за културни настани, семинари, конгреси и други работни средби, кои многу често се одржуваат овде, а традиционални манифестации се Меѓународната ликовна колонија, која го носи името на патронот, Интернационалната летна школа за архитектура и Копаничарската колонија – истакнува старешината, протојереј ставрофор Добрислав Бошковски.
 
Сместувањето во апартманите чини од 500-600 денари за ноќевање, а во останатите конаци уредени во традиционален стил – 300 денари, додека за децата до 7 години престојот е бесплатен. Манастирот има и обезбеден безжичен интернет, мобилна телефонска мрежа, кујна за самоприготвување храна, како и ресторан и бифе, кои ги опслужуваат гостите. На посетителите им се нудат и манастирска ракија и вино од сопствено производство, како и традиционални кривопаланечки специјалитети, кои можат да ги нарачаат од месното население. Посебно уживање се прошетките низ Осоговието и излетничките места, меѓу кои се издвојуваат локалитетот Калин Камен и планинското езеро со видиковец. Посебно доживување за туристите е и собирањето лековити билки и шумски плодови со кои изобилува Осоговието, како и мирот, тишината и свежиот воздух низ падините и шумските предели.

Извор: Дневник

 

Големина на фонт
Контраст